• четврток, 19 декември 2024

Фестивал на млекото во Прилеп: Млечната криза е долгогодишна, мора да се поддржат малите производители и стопанства

Фестивал на млекото во Прилеп: Млечната криза е долгогодишна, мора да се поддржат малите производители и стопанства

Прилеп, 2 септември 2023 (МИА) - Млечната криза во земјава е долгорочен проблем, а спасот е во малите стопанства и поддршката на малите производители. Потребно е државата да ги поддржи, а недостигот од работна сила, особено во трлата и шталите да се бара во увозот. 

Ова го констатираа млекопроизводителите и околу 35 проиводители на млечни и земјоделски производи на денешниот фестивал „Млеко 2023“ што се одржа во Прилеп, под мотото „Вкусот на ливадите“.

- Имам свое стадо овци и крави во селото Дихово, Битолско. Имаме прекрасни услови во Македонија за сточарство. Имаме дел државна помош, но не во целост. Комплексна е работата со сточарството во Македонија. Откако пропадна шведската млекарница, кај нас имаме млечна криза. Мислам дека 70 до 80 отсто од млечните производи се од увоз. Инаку, мислам дека во поранешна Југославија бевме еден од најголемите проиводители на млечни производи. Сега сме на дното, објаснува Игор Поповски, сточар и производител од битолското Дихово.

Елена Каровска Тошевска од националната организација Слоуфуд Македонија ја нагласува поддршката на малите стопанства и производителите.

- Статистиката секоја година нѐ потсетува дека бројот на хектари на пасишта и ливади се намалува. Неискористените пасишта се директно поврзани со недостигот од луѓе во секторот за сточарство, со тежината на работата. Млечната криза мислам дека е подолгорочна кај нас. Сега сметам дека е некој период каде тоа малку повеќе се гледа преку цените во маркетите. Токму затоа работиме со малите производители, ги поддржуваме на локално ниво за да не бидеме насочени кон големите индустрии и увозот и да не бидеме постојано зависни од некои надворешни фактори, рече Каровска Тошевска.

За развојот на малите производители и стопанства се битни инфраструктурата и вниманието од државата.

-Во моментов, сточарството во Македонија добива некој развој иако е мал, пред се, во малото сточарство и малите производители и производството на здрава храна. Најдобро е да имаме домашно производство на храна, зашто увозното е со проблематичен квалитет. Повеќе внимание да се посвети на инфраструктурата. Државата повеќе да им помогне на малите производители и малото производство да се развива, а не индустриското. Се најавува млечната криза. Засега не ја чувствуваме. Зависноста од увозот може да се намали само со вложување во домашното произодство, рече Даниел Мирчески, производител на козјо млеко и сирење.

Гордана Цветаноска, производител на земјоделско производство се надева дека во иднина ќе има повеќе мали стопанства за преработка на земјоделските производи.

-Сметам дека иднината е во земјоделското, органското и еколошкото производство на храна, вели таа.

Нереално е да се зголемат цените на млечните производи, шпекулации за 30 отсто повисоки цени на млечните производи, произведуваат уште поголема криза.

-Се слушна дека за 30 отсто ќе се зголемуваат цените на млечните производи. Сметам дека тоа не е во ред, и онака е скапо. Можеме да издржиме и со вакви цени. Во последниве години може да се рече дека има иднина во сточарството. Се подобруват условите, за малите производители има иднина. Куповната моќ на граѓаните е опадната и не се потребни нови, повисоки цени, смета Љупчо Бабаноски, сточар од Мало Коњари, Прилепско.

Мора да се решава најголемиот проблем - недостигот од работна сила, особено во шталите и во трлата. Порано доаѓале работници од Албанија, но сега тие заминуваат во Италија и Германија и мора да се бараат од трети земји.

-Единствен спас е увоз на работна сила, бидејќи работната сила повеќе не доаѓа од Албанија, заминуваат во Италија и Германија. Треба од трети земји да увеземе работна сила, конкретно, луѓе што ќе работат во трла и во штали, инаку ни нема спас. Ние не сме кадарни за шталско одгледување добиток. Тоа многу тешко оди кај нас, рече Игор Поповски, производител од битолското село Дихово.

Манифестацијата „Млеко 2023“  Слоуфуд Македонија ја одржува по петти пат. Лани и годинава ја организира Слоуфуд Прилеп со поддршка на Слоуфуд Македонија и на Министерството за земјоделство и на Општина Прилеп.

Филип Димкоски од „Слоуфуд Прилеп“. истакнува дека со манифестацијата сакаат да ги истакнат малите производители кои вложуваат многу труд и напор за да ги создадат производите. Токму затоа тие се уникатни и затоа граѓаните, вели тој, треба да им дадат можност да се претстават, да ги купуваат нивните производи, бидејќи, секако, квалитетот се разликува, а потрошувачите директно се среќаваат со производителите и знаат токму за какво потекло на производот станува збор. Освен млеко и млечни производи, купувачите, додава, имаа можност да се сретнат и со многу различни производи: зимници, преработки, чаеви, мед и млечни производи, сувомесни производи, сето од македонското поднебје.

-Државата треба да биде свесна дека секој производител и со најмало количество производи е многу битен за нашата држава, бидејќи како мала држава сме зависни од поголемите. Треба да им се помогне во бирократските процедури, а производителите да се остават да работат. Треба да се изменат и некои законски регулативи. Добри се потезите за продажбата од куќен пораг, за поддшката на малите преработувачки капацитети, објаснува Димкоски. ем/свс/

фото: МИА

Остани поврзан