Фармацевтското дерби за битолчани – Еурофарм Пелистер: Алкалоид 30:28
- Фармацевтското ракометно дерби меѓу Еурофарм Пелистер и Алкалоид заврши со победа на битолчани кои во драматична завршница ги совладаа гостите од Скопје, со 30:28 (18:15).

Битола, 13 април 2025 (МИА) - Фармацевтското ракометно дерби меѓу Еурофарм Пелистер и Алкалоид заврши со победа на битолчани кои во драматична завршница ги совладаа гостите од Скопје, со 30:28 (18:15).
Дуелот кој на моменти беше тензичен, пред се заради несигурни одлуки на судиската двојка Колевски-Кркачев, сепак заврши фер, и со подадена рака на репрезентативците и интернационалците кои настапуваат во двете екипи мотивирани за успех и важни бодови за годинешната титула.
Натпреварот почна со водство на домашната екипа кое во деветатата минута беше со четири голови, но десет минути подоцна гостите намалија на 11:10. Првото полувреме сепак заврши со предност на Еурофарм Пелистер од три голови разлика 18:15.
Второто полувреме беше идентично со првото, битолчани поведоа со четири разлика 29:25, но со брза серија од три голови, тимот на Алкалоид најави ракометна драма во Битола, бидејќи на семафорот пишуваше 29:28. На крајот сепак славеше македонскиот ракометен шампион со гол во последните секунди од натпреваро, победувајќи со 30:28.
Вечерва во Битола најефикасен во тимот на Еурофарм Пелистер беше Кузмановски со 8, додека во тимот на Алкалоид се истакна Серафимов со 7 постигнати голови. мт
Фото: МИА