Факултетот за ликовни уметности – Скопје организира тридневна работилница за конзервација на уметнички дела
- Факултетот за ликовни уметности – Скопје во соработка со Универзитетот на Западна Атика (UNIWA) од Атина, организира тридневна работилница насловена „Од дијагностика до конзервација: Напредни методи за анализа и чистење на уметнички дела“.

Скопје, 18 февруари 2025 (МИА) - Факултетот за ликовни уметности – Скопје во соработка со Универзитетот на Западна Атика (UNIWA) од Атина, организира тридневна работилница насловена „Од дијагностика до конзервација: Напредни методи за анализа и чистење на уметнички дела“.
Работилницата се одржува во Галеријата ФЛУ на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје.
Работилницата е наменета за студентите на Факултетот за ликовни уметности кои го изучуваат предметот Реставрација и конзервација, под менторство на доц. м-р Марија Сотировска. Целта е запознавање со напредни методи за анализа и третман на уметнички дела, преку современи научни техники. Обуката ќе ја водат професори од Катедрата за конзервација на антиквитети и уметнички дела при UNIWA, меѓу кои: проф. д-р Стаматис Бојатзис, проф. д-р Екатерини Малеа, проф. д-р Георгиос Панагиарис, проф. д-р Василике Аргиропулос, проф. д-р Ставрула Рапти.
Како што соопштија од Факултетот за ликовни уметности, во рамки на работилницата, студентите ќе имаат можност да се запознаат со: XRF спектроскопија – анализа на материјалниот состав на уметничките дела; FTIR анализа – инфрацрвена спектроскопија за идентификација на органски и неоргански соединенија; примена на хидрогелови и органски гелови за безбедно чистење на површините; електрохемиски методи за конзервација на метални уметнички дела.
-Присуството на врвни експерти од оваа област ќе им овозможи на студентите од прва рака да научат напредни техники за зачувување на уметничките дела. Факултетот за ликовни уметности – Скопје останува посветен на развојот на современите пристапи во конзервацијата, обезбедувајќи едукација во чекор со светските стандарди, со надеж дека во иднина ќе се надмине недостатокот на соодветна конзерваторска лабораторија, се вели во соопштението на Факултетот за ликовни уметности.бт/дма/
Фото: Факултет за ликовни уметности