• понеделник, 15 декември 2025

УЈП ги дигитализира услугите, од февруари издадени 5.688 уверенија за остварен доход преку новата електронска услуга

УЈП ги дигитализира услугите, од февруари издадени 5.688 уверенија за остварен доход преку новата електронска услуга

Скопје, 26 август 2025 (МИА) - Управата за јавни приходи денеска соопшти дека од февруари откако е воведена новата дигитална услуга „Е-уверение за остварен доход“ издадени се 5.688 уверенија со што е заштедено значително време како за граѓаните, така и за службениците на УЈП. 

Покрај ова, како што информира УЈП, модернизирана е и услугата за издавање на „Уверение за состојба на даноци“ со која во изминатите три месеци сите поднесени барања навремено се обработуваат и уверенијата се издаваат во рок од најмногу пет календарски дена.

- Тоа значи дека 100 проценти од уверенијата се издадени во законски предвидениот рок. Во следната фаза, оваа услуга ќе биде целосно дигитална и бесконтактна, овозможувајќи уште поедноставен, побрз и поефикасен пристап за граѓаните и компаниите, велат од УЈП.

Со ова, како што наведува УЈП, како институција ја потврдуваат определбата за современи и ефикасни даночни услуги.

- Нашата цел е јасна – даночните услуги да бидат со висок стандард, брзи, едноставни и доверливи. Сакаме граѓаните и компаниите да добиваат квалитетна услуга со само неколку клика, без непотребни процедури и без губење време. Долгорочната и стратешка определба за трансформација на УЈП е создавање „нов лик“ и „нов амбиент“ – како за даночните обврзници, така и за даночните службеници и соработниците на даночната администрација. Овие резултати покажуваат дека сме на вистинскиот пат, изјави директорката на УЈП Елена Петрова. бак/вј/

Фото: МИА архива

Остани поврзан