• среда, 20 ноември 2024

Уште два речиси совршени топчести неолитски предмети пронајдени на Оркни Островите

Уште два речиси совршени топчести неолитски предмети пронајдени на Оркни Островите
Единбург, 7 септември 2021 (МИА) - Во гробница со повеќе соби, на Оркни Островите во северна Шкотска, тим археолози открија уште две мистериозни полирани топчести предмети, за коишто се верува дека се стари повеќе од 4.000 години, пишува „Дејли мејл“. Вредните артефакти се откриени на остров во заливот Треснес, при работа на Универзитетот на Ланкашир и Националниот музеј на Шкотска. Ископувањата во оваа област траат од 2017 година и стручњаците брзаат да ги завршат ископувањата, бидејќи гробницата се урива. „Ова е многу интересно откритие“, сметаат археолозите. Предметите имаат дијаметар од околу пет сантиметри - колку пинг-понг топче. Едниот од нив има совршена сферична форма. За што биле наменети овие топчиња, сѐ уште не се знае, но научиците претпоставуваат дека можеби биле користени како орудие за обработка на кожа, оружје или за верски обреди и гатање... Вкупно околу 20 вакви неолитски топки се пронајдени досега на Оркниските Острови, а научниците ги сметаат за „неверојатно откритие“. Покрај топчињата, за време на ископувањата, истражувачите наидоа и на човечки и животински остатоци, ќерамика и разни артефакти од камен - ножеви, чекани, капаци од садови и стрели. Археолозите оваа година планираат да продолжат со проучување на содржината на гробницата и ќе се обидат да утврдат како е изградена.  си/јт/

Остани поврзан