Ученици од „Партенија Зографски“ учествуваа во меѓународен Еразмус-проект во Загреб
- Ученици од Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“ – Скопје во рамки на проект од Еразмус+ на ЕУ, од 29 јуни до 6 јули во Загреб учествуваа на меѓународната младинска размена „Таеквондо за сите: Оспособување на младите умови“ во Загреб.
Скопје, 7 јули 2025 (МИА) - Ученици од Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“ – Скопје во рамки на проект од Еразмус+ на ЕУ, од 29 јуни до 6 јули во Загреб учествуваа на меѓународната младинска размена „Таеквондо за сите: Оспособување на младите умови“ во Загреб.
Како што соопштија од училиштето, во проектот учествувале повеќе од 60 млади од Хрватска, Србија и Северна Македонија, вклучително и ученици од „Партенија Зографски“ - единствено училиште за средно стручно образование за ученици со посебни образовни потреби (со оштетен слух) во државава.
Целта на проектот била да ја унапреди социјалната инклузија, да ги охрабри и мотивира младите со помалку можности и да ја поттикне физичката активност преку таеквондо како средство за личен развој и зајакнување.

-Особено значајно е што младите не беа само учесници – тие активно учествуваа во креирањето на активностите според нивните потреби, идеи и животни искуства, придонесувајќи да се создаде безбедна, поддржувачка и мотивирачка средина за сите. Главните активности на проектот опфатија над 20 работилници и обуки, вклучувајќи дневни сесии по таеквондо, работилници за личен развој, тим билдинг и сесии посветени на комуникација, толеранција и инклузија. Особено значајно беше активното учество на млади со попреченост и помалку можности. Во рамки на проектот беа одржани и инклузивни работилници отворени за локалната заедница, како што се вовед во знаковен јазик, комуникација со глуви лица и таеквондо за лица со интелектуална и физичка попреченост, се наведува во соопштението.
Дополнително, била создадена богата дигитална содржина – фотографии и видеа со цел промоција на инклузивни практики. Сите учесници добиле Youthpass сертификати за признавање на нивното неформално учење и развиени компетенции, со што била подигната свеста за важноста на достапни и инклузивни спортски активности за сите млади.

Проектот бил реализиран од Таеквондо клубот „Максимир“ од Загреб во партнерство со организацијата „АзБуки“ од Србија и Државното средно училиште за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“ од Скопје.
-Со оваа иницијатива, уште еднаш се потврди дека спортот и младинската работа се моќни средства за градење мостови, рушење бариери и создавање инклузивни заедници каде што секој млад човек се чувствува вреден, слушнат и поддржан, информира Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“ – Скопје. хс/сст/
Фото: Државен училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“ – Скопје