• понеделник, 22 јули 2024

Ученици од Гевгелија во посета на МИА во рамки на проект за медиумска писменост

Ученици од Гевгелија во посета на МИА во рамки на проект за медиумска писменост

Скопје, 3 декември 2023 (МИА) - Ученици од основни и средни училишта од општина Гевгелија вчера беа во посета на Медиумската информативна агенција (МИА) во рамки на проектот „Јас=Медиум“.

Проектот ја обработува медиумската писменост кај учениците, а го спроведува ЗГ „Од станица до граница“ од Гевгелија. 

Учениците од средното училиште „Јосиф Јосифовски“, од основните училишта „Крсте Мисирков“ и „Владо Картанџиев“ од Гевгелија и од основните училишта „Ристо Шуклев“ од Негорци и „Климент Охридски“ од Миравци се запознаа со процесот на работа во МИА и со тоа како новинарите ги проверуваат информациите пред да ги објават. На учениците им беше укажано како да ги препознаат лажните вести и кои алатки да ги користат при проверка на информациите. 

Учениците го посетија и едно од студијата на Агенцијата каде им беше презентиран процесот на снимање интервјуа.

Проектот „Јас=Медиум“ се реализира во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, финансирана од Европската унија и имплементирана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Проектот е кофинансиран од Општина Гевгелија. бак/нд/

 

 

 

Остани поврзан