• четврток, 21 ноември 2024

УХМР: Јануари топол до просечен и просечен до сув месец

УХМР: Јануари топол до просечен и просечен до сув месец

Скопје, 8 февруари 2024 (МИА) – Јануари 2024 година се карактеризира како топол до просечен и просечен до сув месец во споредба со многугодишните просечни вредности измерени во периодот од 1991 до 2020 година, согласно мерењата и набљудувањата на метеоролошките станици во земјава, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Како што посочуваат од УХМР, месечната температура се движеше од -0,6 степени Целзиусови во Маврово до 5,7 степени во Гевгелија што споредено со просечните јануарски месечни температури за 30-годишниот период од 1991 до 2020 година е за 1,5 степен Целзиусов над просечната на ниво на држава.

-Највисоката максимална температура беше измерена на 19 јануари во Гевгелија и изнесуваше 20,6 степени Целзиусови и беше повисока од апсолутната максимална температура од 20,3 степени измерена исто така во Гевгелија, но во јануари 2018 година. Најниската температура во текот на месецот беше измерена во Берово, на 22 јануари и изнесуваше -19,8 степени Целзиусови, посочуваат од УХМР.

Во јануари 2024 година, како што велат, месечната сума на врнежи во државата изнесуваше од 11 милиметри во Штип до 116 милиметри во Маврово. Врнежите беа од дожд и снег, и од локален карактер. 

-Максимално дневно количество на врнежи од 29 милиметри беше регистрирано во Маврово на 19 јануари. На Попова Шапка, пак, беше измерена максимална снежна покривка од 28 сантиметри на 7 јануари. Споредено со јануарската просечна вредност за периодот од 1991 до 2020 година, измерената месечна сума на врнежи беше 20 отсто под просечната на ниво на држава, прецизираат од УХМР.вј/нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан