• недела, 22 декември 2024

Утре продолжува седницата за избор на нова Влада, гласањето до полноќ

Утре продолжува седницата за избор на нова Влада, гласањето до полноќ
Скопје, 29 август 2020 (МИА) - Пратениците во новиот пратенички состав попладнево изнесуваа свои ставови „за“ и „против“ изборот на новата Влада на мандатарот Зоран Заев, откако тој во препладневниот дел го изнесе своето експозе за приоритетите на неговиот владин состав. Во попладневото продолжение на седницата по втората пауза, која ја прогласи собранискиот спикер Талат Џафери, мандатарот Заев реплицирајќи му на пратеникот Борислав Крмов од Левица му порача дека со ставовите и вредностите што ги изнел во делот за економијата, всушност тој не знае зошто тие како партија остануваат во опозиција. -Не знам зошто останувате во опозиција. Според мене со една ваква дискусија имаме една убава можност за соработка, затоа што вредностите за кои зборувате се застапени во концептот едно општестово за сите, рече Заев, како одговор на изјавата на Крмов, кој рече дека тие како Левица во Собранието на сите пратеници без разлика на етничката припадност ќе им се обраќаат од позиција на класните разлики во општеството. Крмов во своето обраќање истакна дека Левица се единствената левичарска партија во Парламентот и се осврна на економијата во делот на владината програма, која, како што рече е главната болка на граѓаните. -Во програмата се откажувате од прогресивниот данок, односно предвидувате инклузивен процес на разговори и консензус за воведување прогресивен данок. Смешно е да се очекува крупниот капитал самоинклузивно да се согласи да се даночи. Ако сакате го даночите крупниот капитал треба да се собере храброст и да го искористите државниот апарат, нагласи Крмов. Во однос на укинувањето на ДДВ за увоз на суровини и машини, имаше забелешка дека тоа значи префрлање на средствата од буџетот на РСМ во џебовите на странските инвеститори во слободните економски зони. -На овој начин и домашното производство на суровини се става во ситуација да изумира. Продолжувате со штетната политика на наградување на странските инвестиции, рече Крмов и даде забелешка и за намалувањето на персоналниот данок на вработените во ИТ секторот, имајќи предвид дека тие имаат едни од највисоките плати во државата. Смета дека даноците би требало да се намалат кај оние кои едвај месечно врзуваат крај со крај. Заев во својата реплика нагласи дека за 300 отсто е зголемена социјалната помош. Истакна дека почнале со прогресивниот данок, но увиделе дека државата губи и јавно признале дека треба да се доработи концептот и понатаму со консензус, во кој ќе учествуваат и синдикатите и работниците да се донесе вистинско решение. -Дефинитивно имаме голема разлика меѓу економските слоеви во општеството, дефинитивно треба сите да работиме да ги намалиме ваквите економски разлики, рече Заев, но додаде дека не смеат да се заборават зголемувањето на минималната плата од 9.000 на 14.500 денари, зголемувањето на просечната плата, покачувањата на платите на лекарите, професорите, културните работници, вработените во детските градинки. Во текот на расправата се обрати Љупчо Пренџов од ГРОМ, кој упати критики кон новиот владин состав и на претходната влада и нагласи дека СДСМ на овие избори загубиле во најголем дел од општините со мнозинско македонско население. На овие избори, додаде тој, Заев победил „само кај ромската заедница и со помош на Ромите избегнавте дебакл во неколку општини“, при што му забележа на мандатарот зошто не предложил ниту еден кандидат за министер од ромската заедница. Иван Јорданов од ВМРО-ДПМНЕ овој владин состав го спореди со бродот Титаник, бидејќи како што рече, „сами вие не уверувате дека оваа влада ќе трае долго, имате големи цели и очекувања како и славниот брод, кој беше направен за големи очекувања и беше означен како непотоплив“. -Но гледајќи ги партиите од владејачкото мнозинство повеќе или помалку ми наликуваат на оние горни слоеви од овој славен брод, рече Јорданов. Пред пратениците се обрати и Горан Мисовски од НСДП, кој побара од опозицијата партија официјален став за промената на уставното име и за тоа дали ВМРО-ДПМНЕ го поддржува патот кон Европа и НАТО или ќе продолжи со политиката, која не е својствена за 21 век. Потсети дека Северна Македонија во март стана полноправна членка на НАТО, а се придвижи и во процесот на почнување на преговори за влез во ЕУ. Изрази уверување дека оваа влада до крај ќе го истурка четиригодишниот мандат. Му реплицираше пратеникот Халил Снопче од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, кој му забележа дека во шесте минути од негово излагање се фокусирал на  успесите на меѓународната сцена, нешто што и тие го признаваат. Но напомена дека освен на меѓународен план, други вистински реформи, според него не се направени. Собранската седница за избор на Владата ќе продолжи утре во 12 часот, а за новиот владин состав пратениците треба да гласаат до полноќ. ац/нд/

Остани поврзан