• четврток, 19 декември 2024

Од утре почнува 18. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“

Од утре почнува 18. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“

Струмица, 3 август 2023 (МИА) - Од утре до 8 август во амфитеатарот во Струмица ќе се одржи 18. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, во знакот на новите тенденции во краткометражен, документарен и авторски филм.

На денешната прес конференција организаторите истакнаа дека во годишната програмска селекција има 23 исклучителни кратки играни филмови, документарци и анимации, кои се избрани од над 600 филмови. Филмските остварувања ќе се натпреваруваат за златна, сребрена и бронзена „Потковица“ и за неколку други награди. 

-Фестивалот влегува во една мошне зрела фаза и пред нас е 18. издание. Дојдовме до моментот кога како филмски работници мораме да го чуваме, негуваме и одбраниме трендот на „Астерфест“, затоа што во една какафонија од манифестации и фестивали од секаков вид и карактер, „Астерфест“ ја заслужи таа доблест, која ја започна од самиот старт да открива нови мултикултурни кинематички простори. Ние останавме доследни на нашето кредо, на нашиот генерален концепт и секако на физиономијата на Фестивалот, истакна основачот и уметнички директор на „Астерфест“, Горан Тренчовски.

Според продуцентот Дејан Милошевски, годинашната програма може да се оцени како почнување на нова фестивалска ера со премиерно прикажување на нови филмови.

-Тоа е еден новитет на Фестивалот што го планираме и морам да кажам дека сме задоволни од селектираната програма и мислам дека ќе имаме успешен фестивал, рече Милошевски.

Според селекторот Софија Тренчевска, годинава фестивалот нуди интересна и богата програма.

-Интересот за пријавување филмови на „Астерфест“ беше огромен. Беа пријавени повеќе од 600 филмови и со самото тоа селектирањето на програмата беше голем предизвик, бидејќи сакавме да ги одбереме најдобрите филмови, рече Тренчевска.

На денешната прес-конференција се обратија и авторите и продуцентите на македонските филмови „Лука“ и „Сонцето не грее на сите страни“. 

Годинашен добитник на наградата „Астер“ за животно дело е легендарната Каталин Ладик, филмска и театарска актерка и писателка, една од истакнатите, плодните и наградувани претставнички на алтернативната изведувачка уметност во поранешна Југославија и во Унгарија и една од влијателните европски уметнички во последните децении. 

На „Астерфест“ ќе има и проекција на реставрираната верзија на долгометражниот игран филм „Планината на гневот“, во знак на петгодишнината од смртта на Љубиша Георгиевски и 55 години од продукцијата на филмот со Ристо Шишков во главната улога.

Официјалното стручно жири го сочинуваат: Гоце Ристовски, Дрита М. Фазлија и Мили Чумиќ.

Осумнаесеттиот „Астерфест“ се одвива под мотото „Со нови искуства“, а фестивалот е финансиски поддржан од Општина Струмица и Агенцијата за филм. рт/сх/

Фото: МИА

Остани поврзан