• петок, 22 ноември 2024

Утре започнува процесот на сослушување на уапсените за убиството на навивачот на АЕК

Утре започнува процесот на сослушување на уапсените за убиството на навивачот на АЕК

Атина, 10 август 2023 (МИА) –Уапсените 104 лица за инцидентите пред стадионот на АЕК во понеделникот навечер, кога беше убиен 29-годишен навивач на атинскиот тим, од утре до недела ќе бидат изведени пред истражен судија каде што ќе дадат исказ и ќе бидат сослушани, јави дописничката на МИА од Атина.

Уапсените, од кои над 90 се хрватски државјани, навивачи на Динамо Загреб, вчера побарале и добиле дополнително време за да ги разгледаат обвиненијата за кои се товарат и да ја подготват својата одбрана, додека процесот на сослушување се очекува да биде маратонски и да трае три дена, а уапсените, според грчките медиуми, ќе влегуваат во групи од 10-12 лица.  

Грчката телевизија ЕРТ, повикувајќи се на свои извори објави дека хрватските навивачи ќе се бранат со тврдењето дека не поседувале ножеви, ниту некој ги снабдил со ножеви.

Паралелно, според ЕРТ, истражниот судија наредил од сите уапсени да се земе генетски материјал.

За четири кривични и седум прекршочни дела, меѓу кои и за убиство со умисла, иако убиецот сѐ уште не е идентификуван, за криминална организација, за експлозија и поседување експлозивен материјал... се товарат уапсените 104 лица.

Грчките медиуми објавија дел од полицискиот извештај за доказите околу стадионот на АЕК по инцидентите, според кој полицијата пронашла: дрвена табла во должина од 120 сантиметри на која имало клинци и траги од крв, три дрвени палки долги 83 сантиметри, а на две од нив со траги од крв, дрво во должина од 52 сантиметри исто така со траги од крв, на кое било заковано друго дрво, џебни ножеви во должина од 17 и 20 сантиметри, медицинска маска со траги од крв, маици, стаклени шишиња од пиво, патики и друго. ср/ссм/

Остани поврзан