• четврток, 14 ноември 2024

Уставните измени и евроинтеграцијата едни од најзастапените теми во медиумите за време на изборната кампања, но без аналитички пристап

Уставните измени и евроинтеграцијата едни од најзастапените теми во медиумите за време на изборната кампања, но без аналитички пристап

Скопје, 9 октомври 2024 (МИА) - Уставните измени и евроинтеграциите на земјава биле едни од најзастапените теми во медиумските известувања за време на изборната кампања, но без аналитички пристап. Известувањата во медиумите генерално се засновале на изјавите на политичарите, покажуваат анализите објавени во публикацијата на Институтот за медиуми и аналитика (ИМА).

Според новинарката и уредничка за надворешна политика во „Независен“ Слободанка Јовановска, во медиумските известувања немало аналитички пристап за тоа што значи усвојувањето на уставните измени, односно какви придобивки или евентуални штети би имало по државата, а немало ниту обиди да се анализира како политичарите ги менувале ставовите пред, за време и по изборната кампања. 

- Евроинтеграцијата подолго време се користи како тема со која се уриваат влади, се носат нови. Едноставно не се бараат решенија, туку темата се експлоатира политички за постигнување на политички цели. Оваа тема доминира во овој период. Иако има осцилации во тоа колку се следеше ова прашање факт е дека пред кампањата многу се експлоатираа уставните измени и целата тема не беше толку гледана од аспект што значи тоа за државата, односно да се анализира какви штети или придобивки евентуално би направиле уставните измени, туку повеќе ова прашање беше гледано од аспект дали ќе се усвојат уставните измени или дали тоа прашање ќе доведе до одржување на вонредни парламентарни избори, рече Јовановска на денешната панел дискусија „Како известуваа медиумите за евроинтеграциите пред и по изборите“ во организација на ИМА. 

Она што неа ја изненадило како долгогодишен новинар, е тоа што во медиумите биле пренесувани само ставовите на политичарите, без притоа да се направи обид да се покаже како самите партии не опстојувале на своите ставови што ги кажувале пред кампањата и после тоа. 

Според Сефер Тахири, универзитетски професор по новинарски и јавни комуникации, во медиумите на албански јазик преовладувало позитивно известување во однос на уставните измени и Францускиот предлог, но и тој се согласува дека и таму немало аналитички пристап, туку известувањето се засновало на изјавите од политичарите. бак/вг/

Фото: Принтскрин

 

Остани поврзан