• сабота, 16 ноември 2024

Уставниот суд донесе одлука за укинување на „балансерот“

Уставниот суд донесе одлука за укинување на „балансерот“

Скопје, 9 октомври 2024 (МИА) – Уставниот суд денеска на седница донесе одлука за укинување на „балансерот“ - алатката за вработување според национална припадност во државните институции. Одлуката нема да важи ретроактивно. 

Повеќе за одлуката, како што е највено, ќе информира претседателот на Уставен суд Дарко Костадиновски, на прес-конференција по денешната 27. Седница. 

Уставниот суд на 18 септември на седница расправаше дали со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно  место, односно дали со „обврска на кандидатите за админстративни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница“ се  нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.

Судот по неколкучасовна расправа, донесе одлука да поведе постапка за одредби од Законот за вработени во јавниот сектор - (Член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“), Законот за административни службеници - (Член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“), Правилникот за задолжителни елементи во јавниот оглас при вработување во јавен сектор - (член 2 став 1 алинеја 8 во делот „припадноста на заедницата/заедниците“, член 2 став 2 и 3 член 3, став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“), Правилникот за формата и содржината на регистарот на вработените во јавниот сектор – (член 3 став 1 алинеја 8), како и Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор согласно со начелото за соодветна и правична застапеност, како и формата, содржината и образецот на годишниот план за вработување и извештајот за реализација на годишниот план за вработување. ар/аа/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан