• вторник, 14 мај 2024

Уставниот судија Осман Кадриу одликуван со Повелба за животно дело на традиционалните Пелагониски културно-научни средби

Уставниот судија Осман Кадриу одликуван со Повелба за животно дело на традиционалните Пелагониски културно-научни средби

Скопје, 7 ноември 2023 (МИА) - Уставниот судија Осман Кадриу e одликуван со Повелба за животно дело на традиционалните Пелагониски културно-научни средби. Со ова признание, како што информираат од Уставниот суд, се стекнaл поради неговиот придонес во развојот на наставно-научната мисла во земјава и нејзина промоција на меѓународно ниво.

-Особена чест и задоволство ми е Вашето признание, затоа што вие сте гласот на граѓаните, ги застапувате нивните идеи, заложби за поквалитетно образование, и на крајот заложбите да бидат достојно претставувани преку промоцијата на научната мисла како непроценливо богатство за оваа држава. Секое признание за мене е посебно и го прифаќам со огромна почит, затоа што тоа е мотивација за идно академско творење и преточување на научната мисла во плодна и квалитетна практика која ги држи цврсто темелите на правната држава и владеењето на правото, изјавил судијата Кадриу.

Пред да биде избран за судија во Уставниот суд во 2018 година, Кадриу беше професор на Правниот факултет при Универзитетот ФОН од 2006 година. Тој се занимава со научно-истражувачка дејност и автор е на девет книги и повеќе од 100 библиографски единици од граѓанско-правната област, уставното и трудовото право. Трудовите се објавувани и во меѓународни списанија, на македонски, албански српски и англиски јазик.

Кадриу работел и како судија во Општинскиот суд Кичево, член на Републичкиот судски совет, в.д. декан на Правниот факултет на Државниот Универзитет во Тетово, професор на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј” во Скопје и претседател на Хелсиншкиот Комитет за заштита на човековите права и слободи. дма/бак/

Фото: Уставен суд

Остани поврзан