• петок, 05 декември 2025

Успешно извршен технички прием на новата детска градинка во Делчево

Успешно извршен технички прием на новата детска градинка во Делчево

Делчево, 30 септември 2025 (МИА) – Завршени се градежните работи на новата детска градинка во населбата Расадник во Делчево, а денеска беше успешно извршен и техничкиот прием на објектот. Со ова, градот добива современ и функционален простор за згрижување и воспитување на 130 деца од најмала возраст.

Како што информираше градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, со пуштањето во употреба на новиот објект ќе се надмине проблемот со листата на чекање за прием во градинка.

– Новата детска градинка е современ и уникатен објект кој ќе го краси Делчево, а неговата изградба ќе обезбеди топла и безбедна средина за нашите најмали сограѓани. Со ова инвестираме во иднината на децата и им овозможуваме подобри услови за нивно образование и развој, истакна Трајковски.

Објектот организациски и функционално ќе биде дел од Јавната установа „Весели Цветови“, но ќе обезбеди независност во своето функционирање. Во новата градинка ќе бидат сместени осум групи – шест воспитни групи за деца на возраст од две до пет години и две јаслени групи.

Вредноста на инвестицијата изнесува околу 60 милиони денари со ДДВ, средства обезбедени преку комбинирани извори – од Министерството за труд и социјална политика и од Општина Делчево. Изведувач на работите беше фирмата „Атриум“ ДООЕЛ Вевчани.

Во моментов се привршува со партерното уредување на дворот, по што градинката ќе биде опремена и ќе започне со работа и прием на нови групи на деца.

-Оваа инвестиција претставува значаен чекор во подобрување на образовната и социјалната инфраструктура во Делчево и е директна поддршка за младите семејства во нашата општина“, додаде Трајковски. вс/дма/

 


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан