• среда, 17 јули 2024

Усогласени измените на Законот за урбано зеленило

Усогласени измените на Законот за урбано зеленило

Скопје, 27 октомври 2023 (МИА) - Измените на Законот за урбано зеленило се усогласени на вториот состанок на Работното тело што денеска се одржа во Град Скопје. Целта на законот, како што информираат од Зелен институт, е да се спречи уништувањето на градското зеленило со урбаната експанзија.

Како што информираат од Институтот, измените добиле поддршка од претставниците на Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени, од министерствата за животна средина и за транспорт и врски, како и од струковите асоцијации на архитекти и инженери. 

-Со измените на Законот за урбано зеленило, донесен 2018, ќе се обезбеди усогласување со Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење и Законот за прекршоци, преку усогласување на видовите урбанистички планови и планско-проектна документација според важечкиот Закон за урбанистичко планирање од 2020, усогласување на класите на намени на зеленило и зелена инфраструктура според важечкиот Правилник за урбанистичко планирање од 2020 и дефинирање на категориите на урбано зеленило според пешачкото растојание од домот и достапната површина, информираат од Институтот. 

Според Зелениот институт, ќе се обезбеди и зголемување на нормативите за зеленило во м2/жител на ниво на град и минимален процент на градежна парцела, според новите европски трендови за зелена инфраструктура и одговор на климатските промени.

Дел од измените се и воспоставување обврска за ангажирање стручни лица (шумарски инженери, пејзажни архитекти) при планирање, проектирање, подигање, одржување и заштита на зеленилото. Ќе има и измени на казнените одредби заради усогласување со Законот за прекршоци од 2019 година и зајакнато санкционирање на институциите кои не ги испочитувале законските одредби за минимум зеленило, не донеле стратешки документи за зеленило, не изработиле зелен катастар, издале градежни дозволи без минимален процент зеленило, уништиле зеленило и друго.

-Овие предлози произлегоа од анализата на законите, во која беа вклучени архитекти и урбанисти, шумарски инженери, правници и граѓански активисти. Се одржа јавна дебата на 6 јули 2023 во салата на Советот на Град Скопје, на која беа поканети сите засегнати страни: покрај институциите на национално и локално ниво, и Комората на овластени архитекти и овластени инжинери на Македонија, Асоцијацијата на архитекти на Македонија, експерти и граѓански организации (Зелен хуман град, О2 Иницијатива, Здравје пред профит, Зелените од Гази Баба,  Борба за Влае, За Расадник на можности, за хуман живот во Кисела Вода, Пржино, Во одбрана на Буњаковец и др.), се вели во соопштението на Институтот. 

Предлог-измените на законот се иницирани во рамки на проектот „Повеќе зеленило за отпорно Скопје“, под водство на Зелен институт, во соработка со Град Скопје, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг и во партнерство со Флорозон и Македонско женско лоби, како дел од климатскиот проект на Еко-свест финансиран од Шведска. сх/бак/

Фото: Зелен институт

Остани поврзан