• недела, 22 декември 2024

Усвоен планот за консолидација на земјоделско земјиште во село Дабјани

Усвоен планот за консолидација на земјоделско земјиште во село Дабјани
Скопје, 22 февруари 2022 (МИА) - Собранието на учесници во консолидација на земјоделско земјиште од село Дабјани, Општина Долнени со мнозинство гласови од сопствениците го усвои Планот за распределба на земјоделското земјиште во Дабјани со што селото стана вториот проект за консолидација на земјоделско земјиште во државата по принципот на распределба со промена на границите. Станува збор за 742 хектари земјоделско земјиште, од кои 435 хектари се во сопственост на 85 приватни сопственици на земјиште, а 307 хектари на државата. Во процесот на прераспределба на земјиштето бројот на земјишни парцели во Дабјани е намален за речиси пет пати - од 602 на 127 парцели. Новоформираните парцели се со правилна форма, со просечна големина од 5,84 хектари, споредено со само 1,23 хектари пред консолидацијата на земјиштето и како такви овозможуваат поефикасни земјоделски практики. Ова е реализирано во рамки на проектот МАИНЛАНД финансиран од Европската унија, а ко-финансиран од Организацијата за храна и земјоделство при Обединети нации (ФАО) што се спроведува во тесна соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. -Консолидацијата на земјиштето донесе дополнителни придобивки за руралното население во Дабјани. Многу земјишни парцели во консолидационата област, кои беа вратени на приватни сопственици во процесот на денационализација, беа лоцирани, или во средина на блокови државно земјоделско земјиште, или вратени како парцели во со-сопственост со државата. Во рамки на процесот на консолидација на земјиштето поддржан од МАИНЛАНД, и приватните сопственици на земјиште во Дабјани и државата, успеаја да ги решат долгогодишните проблеми од комплицираната состојба со земјишните права, што негативно влијаеше на ефикасното искористување на земјоделското земјиште во целата област, велат од ФАО. По усвојувањето на Планот за распределба на земјиштето за Дабјани, додаваат, процесот на регистрација на ново-формираните земјишни парцели во Катастарот на недвижности ќе започне во периодот февруари-март 2022 година, заедно со обележување на ново-формираните парцели на терен. Последниот чекор во процесот на консолидација на земјиштето во Дабјани – подобрувања на земјоделската инфраструктура, вклучувајќи рехабилитација на постојните и изградба на нови пристапни патишта во консолидационата област, се очекува да биде финализиран во 2022 година, со финансиска поддршка од Европската унија.вј/лв/

Остани поврзан