• петок, 22 ноември 2024

Усвоен Буџетот на Општина Илинден за 2024 година

Усвоен Буџетот на Општина Илинден за 2024 година

Скопје, 23 декември 2023 (МИА) - Советот на Општина Илинден го усвои Буџетот за 2024 година, со вкупна вредност од 465.636.000 денари или приближно 7,6 милиони евра.

Како што информира Општина Илинден, анализата на приходите и расходите на Општината во буџетот за минатите години и планираните реални приходи за 2024 година се земени како основа во проектирањето на Буџетот на Општина Илинден, со развојна компонента при што е применет партиципативниот принцип на буџетирање, како и следење на реалните потреби и барања на локалната заедница при дефинирање на програмите за развој.

-Посебен акцент во основниот буџет за 2024 година во износ од 184.276.000 денари е ставен на капиталните расходи кои заземаат 40 проценти од планираните средства во вкупниот буџет, додека капиталните расходи во основниот буџет изнесуваат 64,5 проценти. Значителен дел од капиталните расходи се планирани во програмата за изградба и реконструкција на локални улици и патишта, односно се планира подобрување на патната инфраструктура (изградба, реконструкција, санација и рехабилитација на локалната патна инфраструктура), подобрување на инфраструктурата во стопанските комплекси и во локалните економски зони и одржување на постојната патна инфраструктура. За капитални расходи во образование и детска градинка наменети се средства за реконструкција на постојните училишта, доградба на детската градинка и изградба на нов спортски терен кај средното училиште во општината, во делот на здраството и здраствената заштита предвидена е изградба на здраствен дом, се наведува во соопштението на Општината. 

Во делот на заштита на животната средина планирани се средства за изградба на фекална канализација и пречистителни станици, чистење на одводни канали и речни корита, одржување хигиена на јавни површини, одржување, уредување и проширување на јавните зелени површини и пошумување. За поттикнување на заштитата на животната средина планирани се субвенции за велосипеди, инвертер клими и соларни панели.

-Продолжува програмата за финансиска помош за секое новороденче, субвенции за мотивација на индивидуални спортисти и културни работници, изградба на детски забавни паркови и трим патеки, изградба на мултифункционално игралиште со атлетска патека, реконструкција и санација на спортските терени, како и финансиска поддршка за млади претприемачи, информира Општината. хс/лв/

Фото: Општина Илинден 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан