• понеделник, 20 мај 2024

Усвоени програмите за поддршка на малите производители на храна и за малите производители на вино

Усвоени програмите за поддршка на малите производители на храна и за малите производители на вино

Скопје, 13 февруари 2024 (МИА) - На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), Владата денеска на седница ги усвои програмите за поддршка на малите производители на храна, како и за поддршка на малите производители на вино, за оваа година. Преку овие програми се обезбедува грант поддршка до 10.000 евра за малите производители на храна и малите винарии, поддршка за набавка на опрема за производство.

-Нашата успешна приказна во развојот на малите семејни винарии ја започнавме уште во 2019 година, преку измените во Законот за вино, олеснувајќи ги критериумите, со кои овозможивме регистрација на физички лица како производители на вино. На овој начин, го отворивме патот за развојот на малите семејни винарии, кои денес прераснаа во наша гордост и препознатлив бренд на нашата држава, соопштија од МЗШВ.

Како што информираат, од тогаш до денес се регистрирани вкупно 173 мали семејни винарии, а во минатата 2023 година биле регистрирани нови 91 мала семејна винарија. Изминативе две години, од Министерството доделиле 145 договори за грант до 10.000 евра за мали семејни винарии, како помош за набавување опрема за производство.

-Минатата година креиравме и програма за поддршка на малите производители на храна. Само во една година доделивме 148 договори со вкупна вредност од над 1,3 милиони евра, преку кои даваме грант поддршка за малите производители на храна од неживотинско потекло, во набавка на опрема. Договори со кои поддржуваме најразлични традиционални производства. Интересот за оваа програма беше голем кај земјоделците, соопштија од Министерството.

Како што посочуваат, денес има вкупно 2.508 регистиран оператор со храна од животинско и неживотнско потекло, во Агенцијата за храна и ветеринарство. Само во оваа година има нови 1.540 регистрирани опрератори со храна од животинско потекло и 420 нови регистрирани опрератори од неживотинско потекло.

-Нашата поддршка за малите производители на храна и пијалоци не застанува само со овие програми. Даваме поддршка во органзиирање на локални манифестации и меѓународни саеми, каде можеме да ги промовираме убави производи подготвени од малите производители на храна и пијалоци, се вели во соопштението на МЗШВ.бт/дма/

Фото: МЗШВ

Остани поврзан