УНХЦР: Над 200.000 лица избегале од Либан во Сирија од почетокот на војната
- „Речиси еден месец по интензивирањето на непријателствата во Либан, Сирија се соочува со забележително зголемување на бројот на лица што ја преминуваат границата од Либан. Помеѓу 2 и 27 март повеќе од 200.000 лица влегле во Сирија преку три официјални премини“, изјави Асер ал-Мадаиен, привремен претставник на УНХЦР во Сирија, на видеоконференција од Дамаск.
Женева, 31 март 2026 (МИА) - Повеќе од 200.000 лица, од кои огромното мнозинство се Сиријци, ја преминале границата меѓу Либан и Сирија од почетокот на војната меѓу Израел и Хезболах на почетокот на март - објави денеска Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР).
„Речиси еден месец по интензивирањето на непријателствата во Либан, Сирија се соочува со забележително зголемување на бројот на лица што ја преминуваат границата од Либан. Помеѓу 2 и 27 март повеќе од 200.000 лица влегле во Сирија преку три официјални премини“, изјави Асер ал-Мадаиен, привремен претставник на УНХЦР во Сирија, на видеоконференција од Дамаск.
„Овие бројки се дадени од властите и потврдени од нашите колеги на теренот“, додаде таа објаснувајќи дека „огромното мнозинство“ од тие луѓе, односно „речиси 180.000 се Сиријци“, особено сириски бегалци, кои избегаа од земјата и најдоа засолниште во Либан и сега повторно се принудени да бегаат.
„Сириската граница исто така ја преминаа и над 28.000 Либанци. Повеќето бегаат од интензивното израелско бомбардирање. Тие пристигнуваат исцрпени, трауматизирани и со малку работи“, додаде претставничката на УНХЦР.
Проиранскиот Хезболах на 2 март го вовлече Либан во регионална војна кога почна напад врз Израел како одмазда за израелско-американските напади во кои беше убиен врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, соопштија француските медиуми.
За време на граѓанската војна во Сирија, што во 2011 година почна како народно востание против репресијата на режимот на Башар ал-Асад, Либан прими повеќе од еден милион сириски бегалци. Повеќе од половина милион од тие бегалци се вратија во Сирија по падот на Асад кон крајот на 2024 година.
УНХЦР соопшти дека бројот на луѓе што бегаат од Либан во Сирија би можел да достигне 300.000 до 350.000 луѓе, што во голема мера ќе зависи од понатамошниот развој на настаните.сд/ми/
Фото:МИА архива