УНФПА: Светското население ја достигна бројката од осум милијарди луѓе
- Сè побројното светско население што денеска ја достигнува бројката од осум милијарди не смее да ги засени потенцијално тешките последици со кои може да се соочат државите со сè помалубројно н
Источна Европа стана првиот регион во светот каде во текот на целата измината деценија бројот на население беше во постојано опаѓање, пред се поради големиот број луѓе кои ги напуштаат своите земји и заминуваат на работа во странство, како и поради нискиот наталитет. Во моментов, од десетте земји во светот со се помалубројно население, сите освен една, се наоѓаат во Централна и Источна Европа.
-Секако, бројките се важни, но, доколку се фокусираме само на тоа дали се зголемува или опаѓа бројот на населението, може да го превидиме она што навистина е важно, а тоа е да создадеме општества во кои луѓето ќе сакаат да живеат и да создаваат семејства, вели Бауер.
Доказите, како што се наведува, ни покажуваат дека посакуваниот ефект ќе го постигнеме со комбинација од политики. Тука спаѓаат: инвестиции во грижата за деца на рана возраст, поддршка на семејствата која може да ја ползуваат и мажите и жените, мерки со кои на жените и мажите ќе им се олесни да ги балансираат семејните и работните задачи, зголемување на можностите за вработување и домување за младите луѓе, како и правична распределба на грижата за деца и домаќинските обврски помеѓу мажите и жените.
Јакнење на инклузијата е исто така од клучна важност за оспособување на земјите да се справат со демографските промени. Тоа подразбира и отстранување на бариерите за жените, постарите лица, имигрантите и лицата на маргините на општеството за да може целосно да придонесат за економијата и јавниот живот.
Од УНФПА информираат дека степенот на пораст забавува, но светското население ќе продолжи да се зголемува до 2100 година. Се предвидува дека светското население ќе достигне околу 10,4 милијарди луѓе во текот на 2080-тите години и ќе остане на тоа ниво до 2100 година. Порастот на населението во потсахарска Африка се предвидува да биде повеќе од половина од глобалниот пораст до 2050 година поради релативно високите стапки на фертилитет. Според УНФПА, на глобално ниво, намалувањето на населението е предизвикано од ниски и опаѓачки нивоа на фертилитет, а во најпогодените европски земји тоа се должи и на високиот степен на емиграција. Фондот за население на Обединетите нации - УНФПА им дава поддршка на владите преку својата Програма за демографска отпорност да развијат сеопфатни политики преку кои ќе се справат со демографските промени врз основа на докази и човекови права. мд/са/