• петок, 20 декември 2024

УНРВА: Напредува вакцинацијата во Газа, Лазарини повика на траен прекин на огнот

УНРВА: Напредува вакцинацијата во Газа, Лазарини повика на траен прекин на огнот

Газа, 4 септември 2024 (МИА) - Главната агенција на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци -УНРВА денеска соопшти дека напредува со вакцинацијата против детска парализа во Газа, воедно повикувајќи на траен прекин на огнот во 11-месечната војна за да може да се подобри хуманитарната ситуација, јави Хина.

УНРВА соопшти дека во текот на трите дена од кампањата, околу 187.000 деца биле вакцинирани во различни делови од централна Газа. Во втората фаза, кампањата ќе продолжи и во другите области на енклавата.

Кампањата беше поттикната откако минатиот месец едно бебе се зарази од детска парализа, што е прв таков случај во Газа во последните 25 години. 

Израел и милитантите на Хамас се согласија на дневни осумчасовни прекини на огнот во одредени области за да се овозможи програмата за вакцинација. 

Засега не се забележани прекршувања на договорот.

„Голем напредок! Секој ден во централните делови на Газа децата добиваат вакцина против детска парализа“, изјави денеска шефот на агенцијата Филип Лазарини на социјалната платформа Х.

„Иако овие паузи за вакцинација против детска парализа им даваат одреден одмор на луѓето, тоа што е итно потребно е траен прекин на огнот, ослободување на сите заложници и стандарден проток на хуманитарни материјали, вклучително и медицински и хигиенски материјали“, наведе тој.

Палестинците тврдат дека клучна причина за враќањето на болеста е колапсот на здравствениот систем и уништувањето на повеќето болници во Газа. 

Израел го обвинува Хамас дека ги користи болниците за воени цели, што исламистичката група го негира.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан