• среда, 25 декември 2024

УНРВА го обвинува Израел дека мачел нејзини вработени за да ги признаат своите врски со Хамас

УНРВА го обвинува Израел дека мачел нејзини вработени за да ги признаат своите врски со Хамас

Тел Авив, 4 март 2024 (МИА) – Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) денеска го обвини Израел за приведување и тортура на некои нејзини вработени со цел лажно да признаат дека имале врски со Хамас.

Тие им се довериле на тимовите на УНРВА дека биле испрашувани за односите меѓу агенцијата и Хамас и нивната вмешаност во нападите врз Израел на 7 октомври и дека биле мачени и малтретирани за да признаат, изјави портпаролката Џулиет Тума.

Израел обвини најмалку 12 вработени во УНРВА за вмешаност во терористичките напади на 7 октомври и тврди дека 12 отсто од околу 13.000 вработени во агенцијата се членови на Хамас или други палестински екстремистички организации.

Израелските власти соопштија дека собрале некои информации за 12-те вработени вклучени во нападите од телефонски повици и други извори.

УНРВА отпушти десет од 12-те обвинети, а двајца веќе не се живи, јави Си-Ен-Ен, кој не може да ги потврди наводите.

Портпаролката рече дека лажните признанија дадени за време на тортурата биле користени за дополнително ширење на дезинформации за агенцијата како дел од обидот да се уништи.

Таа не ги поврза тие признанија со обвиненијата против 12 вработени осомничени за вмешаност во нападите во Израел на првиот ден од војната.

Наводите се дел од извештајот на УНРВА, кој допрва треба да биде објавен, во кој се тврди дека има широко распространето физичко и психичко малтретирање на Палестинците приведени за време на војната, вклучително и 21 член на персоналот од кои некои биле тепани, а на други им се заканувале.

Необјавениот извештај во кој Си-Ен-Ен имал увид, главно се заснова на сведочења на жители на Газа, приведени во израелските затвори и воени бази, а потоа ослободени преку граничниот премин Керем Шалом меѓу средината на декември и средината на февруари.

Во моментот кога беа обелоденети информациите од извештајот, агенцијата сè уште не одлучила дали ќе го објави.

Уапсените цитирани во извештајот велат дека биле тепани, спречени да спијат, сексуално злоставувани и им се заканувале со сексуално насилство и врз жените и врз мажите.

Некои затвореници починале од такво злоставување, велат поранешни затвореници.

Израелската армија не одговори веднаш на наводите за тортура и приведување на вработени во агенцијата, но рече дека малтретирањето за време на притворот или истрагата ги нарушува вредностите на ИДФ (Израелските одбранбени сили) и е спротивно на наредбите и затоа е апсолутно забрането.

Исто така, се вели дека воената полиција истражува смрт на затвореникот.

Војската категорично ги негираше наводите за сексуална злоупотреба на затворениците и ги нарече „циничен“ обид да се изедначат со „систематското силување што го користел Хамас како оружје за време на нападите на 7 октомври“. јт/

Остани поврзан