• петок, 22 ноември 2024

УНИЦЕФ повикува на акција за подобар квалитет на воздухот за да се заштитат правата и добросостојбата на децата

УНИЦЕФ повикува на акција за подобар квалитет на воздухот за да се заштитат правата и добросостојбата на децата

Скопје, 7 септември 2023 (МИА) - Нивоата на загаден воздух низ земјите на Западен Балкан се неверојатно високи и тоа предизвикува огромни штетни последици по здравјето на луѓето и смртност. Северна Македонија не е исклучок, а главниот град Скопје и повеќе други градови често се наоѓаат на врвот на листите на градовите со најзагаден воздух во Европа и пошироко. Тоа има ефекти врз животот на илјадници граѓани секоја година. Меѓутоа, децата се почувствителни бидејќи кога станува збор за загадениот воздух, најмалите бели дробови го носат најголемиот товар, се истакнува во анализа на УНИЦЕФ по повод Меѓународниот ден на чистиот воздух.

УНИЦЕФ нагласува дека загадениот воздух е најголемата еколошка закана по здравјето на луѓето во регионот, а луѓето од градовите дишат воздух со концентрација на честички што е и до петкратно повисока од нивоата утврдени во насоките на национално и европско ниво. 

Според Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ во Скопје,  „состојбата со загадениот воздух е криза на детските права, бидејќи последиците се доживотни и претставуваат севкупна закана по здравјето, развојот и добросостојбата на децата“.

-Загадениот воздух влијае на детските права на живот, здравје, образование, игра, недискриминација, соодветен животен стандард и правото на безбедна, чиста, здрава и одржлива средина. Од клучна важност е да се реши ова прашање за да им се овозможи на децата да растат во безбедна и здрава средина и целосно да го развијат својот потенцијал, истакнува ДиЏовани. 

За да се надмине овој проблем, УНИЦЕФ наведува дека во Северна Македонија работи во партнерство со Шведска на зајакнување на капацитетите на националните и локалните власти, како одговорни за управување со квалитетот на воздухот и податоците за квалитетот на воздухот, истовремено подигнувајќи го гласот на децата и младите како носители на права, со цел да се постигнат промени во политиките и социјалните норми.

-Како дел од ова партнерство, УНИЦЕФ моментално работи на подобрување на квалитетот на образованието за животната средина во училиштата, со посебен акцент на загаденоста на воздухот. Преку Мрежата за искуствено учење, на училиштата ќе им се понуди Програма за искуствено учење, со цел учениците да учат и целисходно да се ангажираат околу темата за квалитетот на воздухот. Дополнително, УНИЦЕФ го поддржува и развојот на програми за формално и неформално образование за зелени работни места и подобар квалитет на воздух, а тоа ќе придонесе за справување со загаденоста на воздухот и идното вработување на младите во еколошката економија, соопшти канцеларијата на УНИЦЕФ.

На Меѓународниот ден на чистиот воздух за сино небо, Канцеларијата на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија објави нова анализа на податоци за смртноста кај децата поврзана со загадениот воздух во Европа и Централна Азија,  

Според анализата, над 5800 деца и тинејџери во регионот на Европа и Централна Азија починале поради причини поврзани со загадениот воздух во текот на 2019 година. според која најголемиот број, односно 85 проценти, починале пред својот прв роденден. 

-Во Почетоци без здив: Алармантни ефекти од загадениот воздух врз децата во Европа и Централна Азија се истакнува дека кај децата кои се изложени на загаден воздух има зголемен ризик од сериозни здравствени проблеми, вклучително и акутни респираторни инфекции како што е пневмонијата, што е особено опасна за бебињата и малите деца. Дишењето загаден воздух предизвикува трајни оштетувања на белите дробови кај децата, што доведува до зголемен ризик од астма и хронични респираторни и кардиоваскуларни заболувања и болести, вклучително и канцер. Загадениот воздух може подоцна во животот да предизвика и невролошки нарушувања како резултат на раното оштетување на детскиот мозок, се истакнува во анализата.

За разлика од возрасните, посочува УНИЦЕФ, децата се повеќе изложени на загаден воздух бидејќи тие дишат двапати побрзо и често преку уста, внесувајќи повеќе загадувачи. Бидејќи се помали по раст, децата се поблиску до почвата каде што се акумулираат загадувачите. Децата се физиолошки поранливи на загадениот воздух од возрасните бидејќи нивниот мозок, бели дробови и други органи се изложени на воспаленија и оштетувања за време на периодот на брз развој, се истакнува во документот.

За да се случат значајни системски промени, порачува оваа организација на ОН, децата и младите мора да имаат релевантни познавања за аспектите поврзани со загадувањето на воздухот, треба да имаат пристап до платформи што им овозможува да се залагаат за решенија и политики за чист воздух, а прописите за загаденоста на воздухот треба да бидат приспособени на децата и младите луѓе.

-За таа цел, УНИЦЕФ продолжува да дава поддршка за младите да станат активни двигатели на промени и застапници за подобрување на квалитетот на воздухот во своите заедници преку развој на младински мрежи за вештини за информирање и застапување за чист воздух и платформи за социјални иновации и еколошко претприемништво. Истовремено, УНИЦЕФ ги поддржува и локалните власти со цел плановите и мерките за квалитетот на воздухот на локално ниво да бидат приспособени на децата и младите, и на тој начин да се земаат предвид детските права и нивните посебни ранливости согласно на локалните специфични околности, се посочува во соопштението.

Неодамнешните настани во врска со групата креирана преку „Телеграм“ на која размената на содржини вклучуваше и неовластено споделување фотографии и видеа од малолетни лица и млади девојки, за

УНИЦЕФ ги повикува националните и локалните власти да ги зајакнат политиките и инвестициите за да се забрза преминот кон чиста и ефикасна енергија и транспорт низ сите сектори. Тука се вбројува и поддршката за енергетска ефикасност и пристап до чиста енергија, обука на здравствените работници од примарната здравствена заштита за вршење прегледи кај децата и откривање заболувања поврзани со загадениот воздух, и проширување и забрзување на плановите за намалување на загаденоста на воздухот на државно и општинско ниво.

За да се заштитат децата од изложеност, УНИЦЕФ ги повикува владите да воспостават и одржуваат систем за следење на квалитетот на воздухот во близина на детските градинки и училиштата, и информациите да ги споделуваат со јавноста, истакнувајќи ги нивоата на загаденост на воздухот коишто се опасни за децата и бремените жени. хс/аа/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан