• понеделник, 02 февруари 2026

УНИЦЕФ: Новите измени на Законот за системот за процена на лицата со попреченост ја зајакнуваат имплементацијата на правата на децата

УНИЦЕФ: Новите измени на Законот за системот за процена на лицата со попреченост ја зајакнуваат имплементацијата на правата на децата

Скопје, 2 февруари 2026

УНИЦЕФ го поздравува неодамнешното усвојување на измените и дополнувањата на Законот за системот за процена на лицата со попреченост како значаен чекор кон обезбедување секое дете со попреченост да може да ги добие потребната поддршка и можностите за да го достигне својот целосен потенцијал.

Функционален и ефикасен систем за процена на попреченост е важен предуслов преку кој децата и младите остваруваат пристап до образовни, здравствени и социјални услуги приспособени на нивните развојни потреби, како и до парични надоместоци поврзани со попреченоста. Измените, изработени од Министерството за социјална политика, демографија и млади со техничка поддршка од УНИЦЕФ, обезбедуваат претстојниот универзален функционален систем за процена целосно да ги одразува специфичните потреби и развојни карактеристики на децата и младите.

Измените се надоврзуваат на силните резултати постигнати преку долгогодишната посветеност и инвестиции на Владата, поддржани од УНИЦЕФ и други партнери. Со зачувување на институционалните структури и стручната експертиза за процена на децата новиот закон обезбедува овие вредни капацитети и во иднина ефикасно да одговараат на потребите на децата.

Клучни унапредувања во зајакнувањето на правата на децата вклучуваат:

  • Целосно усогласување со глобалните стандарди: процената на попреченост кај децата и младите ќе биде усогласена со Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (ICF) и Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост (CRPD). Новата методологија ќе применува мултидисциплинарен пристап што ги вклучува секторите образование, здравство и социјална заштита и ќе ја поддржува холистичката вклученост на децата во општеството;
    • Фокус на детето и бесплатен пристап за семејствата: ревидираниот закон ги задржува специјализираните структури за процена и стручните тимови за деца и млади и гарантира дека процените на попреченост за нив остануваат бесплатни за семејствата, со трошоци покриени од Фондот за здравствено осигурување;
    • Континуитет преку зајакнати системи за податоци: со задржување на националниот електронски регистар на проценети деца и млади системот овозможува следење на испораката на услугите и на исходите за децата и обезбедува цврсти податоци за планирање и буџетирање на услугите засновани на докази;
    • Смислено вклучување на родителите: ревидираниот закон обезбедува родителите и понатаму активно да учествуваат во процесот на процена признавајќи ги нивните уникатни сознанија за функционирањето и потребите на детето и овозможувајќи им подобро да го поддржат развојот на своето дете;
    • Гарантирана пристапност и недискриминација: измените воведуваат соодветни приспособувања, како толкување знаковен јазик и пристапни материјали, без дополнителни трошоци, во согласност со меѓународните обврски за пристапност и недискриминација.

УНИЦЕФ ѝ честита на земјата за континуираната посветеност кон правата и инклузијата на децата и младите со попреченост. УНИЦЕФ ќе продолжи да ги поддржува националниот систем и усогласувањето на методологијата со специфичните потреби на децата за секое дете да може да пристапи до потребната поддршка и услугите и да има можности да го достигне својот потенцијал.

УНИЦЕФ

Фото: МИА архива

Остани поврзан