• недела, 22 декември 2024

УНИЦЕФ: Најмалку 13 деца загинаа во борбите во Судан

УНИЦЕФ: Најмалку 13 деца загинаа во борбите во Судан

Картум, 7 октомври 2024 (МИА) - Најмалку 13 деца загинаа, а многу повеќе се ранети во судирите меѓу суданската армија и бунтовничките Сили за брза реакција (РСФ), соопшти УНИЦЕФ.

Децата биле на возраст меѓу 6 и 17 години, се наведува во соопштението на агенцијата на ОН.

-Овие напади врз деца се неприфатливи. Децата немаат улога во војни или граѓански конфликти, но децата се оние кои најмногу страдаат додека продолжува конфликтот во Судан, рече Шелдон Џет, претставник на УНИЦЕФ во Судан.

Суданската армија во петокот почна воздушни напади на пазар во градот Ал Кум, на околу 70 километри источно од главниот град на Северен Дарфур, Ел Фашер, објавија локалните медиуми.

Во воздушните напади, кои го погодија и градот Мелит, загинаа најмалку 45 луѓе, а десетици други беа повредени, наведува „Судан Трибјун“ и Центарот за мониторинг на човекови права.

Хамрат ал Шеик во провинцијата Северен Кордофан, исто така, беше погоден, според поранешен член на Суданскиот совет за суверенитет, кој во саботата рече дека нападите биле насочени кон области кои „не виделе каква било форма на конфликт од почетокот на војната“.

Во Судан во април минатата година избувна жесток конфликт меѓу армијата и паравоената група Сили за брза поддршка (РСФ), што прерасна во граѓанска војна. Борбите траат повеќе од 17 месеци, без знаци на смирување.

ОН и меѓународните организации за човекови права известуваат дека главниот град Картум и други урбани области биле уништени во судирите.

Регистрирани се масовни силувања и етнички мотивирани убиства, кои претставуваат воени злосторства и злосторства против човештвото, особено во западниот регион на Дарфур.

Според ОН, во овој регион загинале најмалку 20.000 луѓе, а десетици илјади други биле повредени. Сепак, групите за човекови права и активисти велат дека бројот на жртви е всушност многу поголем.

Војната ја создаде и најголемата бегалска криза во светот. Повеќе од 13 милиони луѓе се принудени да ги напуштат своите домови, наведува Меѓународната организација за миграција (ИОМ), а над два милиони луѓе побегнале во соседните земји. сд/

Остани поврзан