• недела, 22 декември 2024

Уметност распослана од коса

Уметност распослана од коса

Прилеп, 23 јули 2023 (МИА) - Светлана Зуламоска Гроздановска, фризерка- уметник, нѐ пречека во своето фризерско студио во Кривогаштани на коленици. Работеше на подот од студиото, создавајќи портрет од коса. Го обликуваше своето најново дело - портретот на кошаркарот Перо Антиќ.

Со кесичките коса покрај себе, Светлана со задовоство и внесеност ги создава сенките на ликот, обликувајќи верен портрет.

Со широка насмевка, искри во очите и огромно задоволство, го почна муабетот за својата необична, но раритетна уметност - создавање дела од коса на подот од своето фризерско-козметичко студио во Кривогаштани. Средбата е намерна избрана во празничен ден кога муштерии не доаѓаат, а таа е целосно посветена на создавањето. Уметност која може да биде минлива, но не мора.

Со својата уникатна уметност, главно портрети од коса, почнала пред четири години. Пандемијата ја поминала во создавање раритетни и впечатливи креации и продолжува со несмалена желба, инспирираност и љубов.

- Ја сакам уметноста. Сакам да цртам, да создавам. Посакав и од самата коса да создадам нешто. На крајот на денот, кога завршував, косата што ја подстрижував, од брадите што ги обликував кај клиентите, наместо отпадокот да го фрлам, го собрирав и посакав од тоа да направам уметност. Клекнав на подот од моето студио и почнав да работам. Создадов еден лик од два метри, го сликав и.... Се инспирирав уште повеќе. Кога видов дека од коса може да се направи уметност, да се обликува портрет, тогаш тоа излезе само од мене. Не направив скица, ништо не направив. Само го зедов телефонот, го најдов портретот што сакав да го направам. Го гледав ликот, ги истакнав сенките и добив нешто вистинско. Тоа беше пред четири години, ја почнува својата приказна за уметноста и косата, Светлана Зуламоска Гроздановска.

Првиот лик бил портретот на тенисерот Новак Ѓоковиќ

- Го поставив на социјалните мрежи. Предизвика големо внимание. Дури и Новак Ѓоковиќ го виде и го објави на неговото „стори“. Беше навистина големо задоволството да се доживее. Потоа посакав и други ликови да направам. Како што ги правам, сѐ повеќе ги доживувам, и посилно, како да се живи. Сѐ повеќе и поуспешно ги правам. И уживам. Секогаш кога сакам да си ја исполнам душата, јас влегувам во дуќанот, ја затворам вратата, правам лик, раскажува Светлана.

Инспирацијата станала незапирлива, а желбата и љубовта за создавање своја уметност која исполнува, непресушна. За да создаде еден лик ѝ се потребни три до четири часа. Светлана вели - тоа е мое време и за мојата имагинација.

- Почнав да создавам уште повеќе ликови, да уживам во тоа што го правам. Уживам во работата, ама уживам и потоа кога ќе си го создадам времето за себе си. Ја затворам вратата кога клиентите ќе си заминат, останувам сама. И тоа е времето само за мене и за мојата уметност. Многу ме исполнува. Откако ќе го завршам ликот, се чувствувам како денот да сум го исполнила до крај, како што треба. Исто како кога ќе завршите еден успешен проект. Целосно ме исполнува, објаснува Зуламоска Гроздановска.

Направила многу ликови. Меѓу нив се ликот на Тоше Проески, на Игор Џамбазов, на Тамара Тодевска, на Тијана, Лила Филиповска, на Ѓорѓи Колозов,  Влатко Илиески, Гоце Арнаудов, но и на Тина Тарнер, на светски познати личности. За четири години направила преку 50 портрети од коса. Се инспирира и од животните.

-Сѐ ми е инспирација. Сакам да создавам, да креирам. Имам простор, имам материјал, само да најдам време и продолжувам да создавам. Често се случува кога им ја скратувам косата на клиентите, тие да ме прашаат: „Светле, а што ќе направиш од мојата коса?“ И тие уживаат кога гледаат дека ги создавам ликовите со нивните коси, раскажува Светлана.

Има завршено Виша сообраќајна на Техничкиот факултет во Битола. Цртањето секогаш го сакала и го применувала. И при образованието, и сега, поинаку,  создавајќи уметност „за душата“. Има голема желба да отвори изложба.

- Би сакала да направам изложба. Добив понуди во времето на корона-пандемијата. Но не се случи, сепак би сакала да имам изложба. Да ги покажам моите дела. Иако ги има на социјалните мрежи, но убаво би било да отворам изложба. Имам прекрасни доживувања. Се случиле барања да направам портрет како роденденски подарок. За мене е бескрајно задоволство, вели Светлана.

Секој ден ужива во тоа што го прави. Уметност краткотрајна која може да се зачува.

- Кога нешто почнете и успешно го завршите, задоволството е големо. Така е и во овој случај. Некои од делата ги зачувувам. Уживам повеќето ликови да ги правам во голем формат. Со димензии два на два метри. Стојат креациите на подот од моето студио. Клиентите кога доаѓаат знаат, навикнати се внимателно да пристапат. Здогледуваат ликови, уживаат. Го сликаат портретот, а мене душата ми е полна. Имам зачувани креации како слики на ѕидот- имам паун, маче, портрети. Задоволство ми е да ги покажам, сите да уживаат во мојата уметност. А врвно задоволство би била изложба, вели Зуламоска Гроздановска.

Светлана живее и работи во Кривогаштани. Обликува фризури, со умешна шминка разубавува лица, а со креации од коса фасцинира и ја грее својата душа. 

Елизабета Митреска

Фото: МИА и Светлана Зуламоска Гроздановска

Остани поврзан