• сабота, 21 декември 2024

Уметникот Цветин со Декларација за мир во светот, против војните и употреба на нуклеарно оружје

Уметникот Цветин со Декларација за мир во светот, против војните и употреба на нуклеарно оружје

Скопје, 6 август 2024 (МИА) - Носителите на Цветиновата награда за мир, како членови на Цветиновиот комитет за мир, на иницијатива на македонскиот уметник и хуманист Живко Поповски – Цветин подготвија Декларација за мир во светот и против војните и употреба на нуклеарното оружје по повод одбележување на 79-годишнината од употребата на нуклеарно оружје во Хирошима (06.08.1945) и Нагасаки (09.08.1945). Декларацијата денеска ја прочита поетот Горан Анчевски пред Спомен куќата на Мајка Тереза во Скопје.

Од денеска до петок, 9 август, оваа Декларација ќе биде поставена пред Спомен куќата на Мајка Тереза во Скопје, каде ќе може да се потпишат сите граѓани кои посакуваат мир и просперитет во светот. 

Членовите на Цветиновиот комитет за мир соопштија дека оваа Декларација ја адресираат до сите држави кои поседуваат нуклеарно оружје, до носители на Нобелова награда за мир, до носители на Нобелова награда за литература, до Нобеловиот комитет за доделување на Нобеловата награда во Норвешка и Шведска, до сите физичари, хемичари, економисти и други научници во програми за нуклеарно вооружување, до Влади и до сите мирољупци и мировни работници со барање сите да се ангажираат во насока на уништување на нуклеарните програми за воени цели и пренамена на средствата кон мировни проекти, идеи и иницијативи.

-Како хуманист и кандидат за Нобеловата награда за мир, заедно со моите пријатели и поддржувачи, ја поднесуваме оваа Декларација за мир во светот и против војните и употреба на нуклеарното оружје со барање државите да не употребуваат нуклеарно оружје на ниту една точка на земјината топка, да ги уништат сите боеви глави кои разоруваат и уништуваат, да не го повторат теророт, страдањата и траумите од употребата на нуклеарното оружје, да не финансираат развој на нуклеарна програма во воени цели и сите научници да не прифаќаат и да не учествуваат во програми со разорна нуклеарна моќ, изјави Живко Поповски – Цветин.

Како што соопштија членовите на Цветиновиот комитет за мир, се залагаат сите влади, државници, министри и носители на јавни функции да ја поддржат оваа Декларација и да остават аманет за идните генерации, преку сопствен личен пример, да се забрани производство, трговија и употреба на нуклеарно оружје за воени цели, да се уништат и да не се развиваат нови нуклеарни програми за воени цели. Исто така, тие ги повикуваат сите носители на Нобеловата награда за мир и за литература, физика, хемија, економија и другите научници во програми за нуклеарно вооружување, сите влади на држави кои имаат нуклеарно оружје и сите мирољупци и мировни работници да се обединат во мирот и просперитетот затоа што нуклеарната програма разединува и уништува.

По презентирањето на Декларацијата, Живко Поповски - Цветин ја додели Цветиновата награда за мир за придонесот кон мирот на авторката Лидија Лучко Јеремиќ.

Авторката Јеремиќ ја прочита својата песна „Дали епопеја за болката“ на македонски јазик, а потоа поетот Горан Анчевски читаше поезија посветена на пилотот – капетан Стево Стефановски кој не сакал да лета над Нагасаки во спомен на жртвите од атомската бомба. бт/аа/

Фото: Живко Поповски - Цветин

 

Остани поврзан