Украинскиот министер за одбрана разговараше за соработката во клучните области со американскиот колега на состанокот на групата „Рамштајн“
- Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров воспоставил соработка во клучните области со неговиот американски колега Лојд Остин за време на состанокот на Контакт групата за одбранбени прашања на Украина (т.н. група „Рамштајн“), објавија украинските медиуми.
Киев, 9 јануари 2025 (МИА) - Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров воспоставил соработка во клучните области со неговиот американски колега Лојд Остин за време на состанокот на Контакт групата за одбранбени прашања на Украина (т.н. група „Рамштајн“), објавија украинските медиуми.
-Одржав важен состанок со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, на кој разговаравме за подготовките за средбата и соработката во клучните области, напиша тој.
Според Умеров, денеска лидерите на групата ќе одобрат патокази за секоја од осумте области на соработка, во кои ќе бидат утврдени стратешките цели и клучните потреби за воена помош најрано до крајот на 2027 година.
Овие документи, развиени и одобрени од Украина и нејзините партнери, ќе создадат основа за поддршка и дистрибуција на помош во области како противвоздушна одбрана, артилерија, оклопни возила, беспилотни летала, воздухопловни сили, поморска безбедност и други важни области, нагласи министерот за одбрана, додавајќи дека „треба да се работи многу повеќе“.
Соединетите држави, заедно со своите партнери и сојузници во Контакт групата за одбранбени прашања за Украина, веќе му дадоа на Киев воена помош во вредност од над 126 милијарди долари, потсетуваат украинските медиуми. мс/
фото: ЕПА