• понеделник, 18 ноември 2024

Украинската војска известува за жестоки борби на источниот фронт

Украинската војска известува за жестоки борби на источниот фронт

Киев, 15 август 2024 (МИА) - Портпаролот на вооружените сили на Украина (ВСУ) Дмитро Лихови соопшти дека една недела по нивното навлегување во руската област Курск, нема знаци за намалување на рускиот воен притисок во источниот дел на Украина. Најжестоките борби во последните недели се водат околу градот Покровск во Доњецката област.

Украина започна голема офанзива во руската Курска област на 6 август. Според некои воени аналитичари, една од причините за овој потег е обид за одвлекување на руските резерви од источниот фронт.

Лихови изјави дека Русија преместила дел од своите трупи од окупираните јужни украински територии кон други насоки, но дека засега не може да се смета на значајно прераспоредување на силите на Москва.

- Не се забележани значителни промени во големината на групирањето. Бројот на личен состав не е променет доволно за да укаже на некакви разлики или слабеење на борбените дејствија, изјави Лихови на националната телевизија.

Сергеј Цехоцки, офицер од 59-та механизирана бригада на ВСУ, соопшти дека нема намалување на рускиот притисок во делумно окупираната Донецка област, каде Русија веќе месеци наназад ги концентрира своите напади.

„Непријателот, и покрај случувањата на руската територија, сè уште се обидува да ги концентрира своите трупи во овој правец и да постигне успех“, изјави Цехоцки на националната телевизија. Според него, руските сили ги искористиле сите свои достапни резерви во Донецката област и „навистина вршат притисок“ врз украинските сили во регионот.

Генералниот штаб на ВСУ соопшти дека денеска се одржале 58 битки меѓу силите на Киев и Москва на фронтот околу градот Покровск, кој е под контрола на Киев. Раководителот на градската воена администрација, Сергј Добрак, ги повика локалните жители на евакуација, бидејќи противничките сили се само на 10 километри од предградието на градот.

Популарниот украински воен блог „Дипстејт“ известува дека Русија напредувала во селата Желане и Орливка на источниот фронт во Украина доцна синоќа.

Остани поврзан