Украина разнесе руски брод со иранско оружје во пристаништето Олја во Астрахан
- Има информации дека истовремено украинските дронови нападнале и рафинерија за нафта во регионот Самара, пишува „Киев пост“.
Киев, 15 август 2025 (МИА) – Специјалните сили на украинската армија извршија напад врз руското пристаниште Олја, во регионот Астрахан, погодувајќи брод со делови за беспилотни летала „Шахед“ и иранска муниција.
Има информации дека истовремено украинските дронови нападнале и рафинерија за нафта во регионот Самара, пишува „Киев пост“.
Според соопштението на Генералштабот, нападот е извршен вчера во соработка со Силите за специјални операции и други единици на Одбранбените сили, со цел да се намали способноста на Русија да извршува воздушни напади.
Пристаништето Олја е еден од клучните логистички центри за увоз на воена опрема од Иран. Бродот „Порт Олја 4“, за кој се наведува дека транспортирал делови за беспилотни летала и муниција, бил погоден. Проценката на штетите сè уште е во тек.

Рано утринава украински беспилотни летала нападнале рафинерија во градот Сизран во регионот Самара. Мештаните пријавиле десетина експлозии од 4 часот наутро, а снимки и фотографии од пожарот во близина на фабриката се појавија на Телеграм. Руските власти сè уште не ја потврдија штетата.

Украина се уште не даде официјална изјава за нападот до објавувањето на веста.
Руското Министерство за одбрана тврди дека во текот на изминатата ноќ нејзината воздушна одбрана соборила 53 украински дронови.
Во текот на последните пет дена украинските сили нападнаа голем број важни нафтени и гасни постројки во Русија, нанесувајќи нови удари на енергетската инфраструктура и воените линии за снабдување.сд/
фото:Телеграм