• четврток, 21 ноември 2024

Украина ги отфрли обвиненијата на Русија за одолговлекување на процесот на размената на заробеници

Украина ги отфрли обвиненијата на Русија за одолговлекување на процесот на размената на заробеници

Киев, 3 ноември 2024 (МИА) - Украина денеска ги отфрли тврдењата на руското Министерство за надворешни работи дека Киев го саботира процесот на постигнување договори за размена на воени заробеници, пренесува ДПА.

„Подготвени сме да извршиме размена на заробеници во секое време! Се придржуваме до Женевската конвенција и меѓународното хуманитарно право!“, напиша во „Телеграм“ украинскиот парламентарен комесар за човекови права Дмитро Лубинец. „Овие процеси се одолговлекуваат од Руската федерација. И таа го користи тоа како метод за влијание врз украинското општество!“, додаде Лубинец.

Вчера, портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека Русија неодамна понудила за размена 935 украински воени заробеници. Меѓутоа, таа тврди дека Киев сакал да прифати само 279 од нив, а останатите над 650 не биле сметани за „достојни“ од Киев или дури биле опишани како „предавници“.

Захарова го обвини украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига за „политички туризам“. Според неа, Сибига повеќепати го користел прашањето за воените заробеници како можност да патува во странство за да ги сврти другите држави против Москва. Захарова исто така истакна дека Русија секогаш ја спроведувала размената на заробеници со посредување на други држави и сè уште е подготвена да го направи тоа.

Ова е последниот преостанат канал за комуникација помеѓу државите, што Москва и Киев сè уште го одржуваат, забележува ДПА. Со продолжувањето на војната на Русија против Украина, која трае повеќе од две и пол години, илјадници семејства ги очекуваат своите роднини да се вратат од заробеништво.

Двете завојувани страни веќе неколкупати разменувале воени заробеници, при што досега во слични договори учествувале илјадници војници. Не е познато колку заробеници во моментов држат двете страни. ссм/

фото: архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан