Угринска: Да го вратиме достоинството на Скопје и да го изградиме како дом на сите
- Таа ја упатува и политичката порака на коалицијата: Скопје да биде место за живеење, а не за преживување, затоа што, како што вели, нашата мерка е човекот.
Скопје, 11 октомври 2025 (МИА) - Проф. д-р Ана Угринска, втора на листата на кандидати за советници во Град Скопје од Коалицијата за зелена иднина и копретседателка на зелената партија ДОМ, во своето видеообраќање испраќа предупредување за состојбата во главниот град, се наведува во соопштението на Демократската обнова на Македонија (ДОМ) кое МИА го пренесува интегрално.
„Скопје се гуши: загаден воздух, диви депонии што се палат и нè трујат, јавен превоз што се распаѓа. Ова не е политичка ‘нормалност’, туку аларм“, порачува Угринска.
Таа ја упатува и политичката порака на коалицијата: Скопје да биде место за живеење, а не за преживување, затоа што, како што вели, нашата мерка е човекот.
Во фокусот на Коалицијата за зелена иднина се фер и инклузивни градски политики.
„Различни сме во сè, еднакви во достоинството. Не бараме совршенство, бараме фер однос и инклузивни градски политики“, вели Угринска.
Угринска потенцира дека заедничкото добро мора да стане императив на градските одлуки.
„Сакаме град што ја штити почвата, водата и воздухот како заедничко право. Ако ја чувствувате оваа одговорност, застанете со нас, да го вратиме достоинството на Скопје и да го изградиме како дом на сите,“ повикува проф. д-р Ана Угринска.
Демократска обнова на Македонија