• петок, 05 декември 2025

Уганда не се согласува да прифаќа депортирани мигранти од САД

Уганда не се согласува да прифаќа депортирани мигранти од САД

 

Кампала, 21 август 2025 (МИА) - Висок функционер на Уганда го негираше извештајот на американските медиуми дека земјата се согласила да прифати мигранти депортирани од САД.

Според него, Уганда нема потребна инфраструктура и услови за да преземе таква обврска. Претходно, Си-Би-Ес Њуз објави, повикувајќи се на внатрешни документи на американската влада, дека Вашингтон постигнал договори со Уганда и Хондурас за враќање на мигрантите во земјите чии државјани не се, како дел од засилените мерки за депортација.

-Колку што знам, не сме склучиле таков договор. Немаме потребна база и инфраструктура за прифаќање на нелегални имигранти, рече министерот за надворешни работи на Уганда, Окело Орием.

Во овој момент, владата на Хондурас не го коментираше случајот. Администрацијата на претседателот Доналд Трамп има за цел да депортира милиони имигранти кои нелегално влегле во земјата и активно работи на зголемување на трансферите во трети земји. Во минатото, САД испраќаа осудени криминалци во земји како Јужен Судан и Есватини.

Според Си-Би-Ес, договорите со Уганда и Хондурас се засноваат на одредба во американскиот закон за имиграција што им овозможува на барателите на азил да бидат пренасочени кон трети земји доколку САД утврдат дека тие земји можат праведно да ги решат нивните барања.

Уганда, сојузник на САД, веќе е домаќин на речиси два милиони бегалци и баратели на азил, од кои повеќето доаѓаат од соседните земји како што се Демократска Република Конго, Јужен Судан и Судан. мс/

фото: Википедија

 

Остани поврзан