• недела, 24 ноември 2024

Убиството на Ханија само ќе ја зајакне поддршката за палестинската кауза, соопшти Организацијата за исламска соработка

Убиството на Ханија само ќе ја зајакне поддршката за палестинската кауза, соопшти Организацијата за исламска соработка

Џеда, 7 август 2024 (МИА) - Убиството на лидерот на Хамас, Исмаил Ханија само ќе ја зајакне борбата за правда за Палестинците, соопшти Организацијата за исламска соработка (ОИК), цитирана од ДПА.

Министрите за надворешни работи од блокот на земјите со мнозинско муслиманско население се состанаа на итен состанок за да разговараат за „тековните злосторства на израелската окупација врз палестинскиот народ“ по убиството на Ханија.

-Убиството на шеикот Исмаил Ханија нема да ја скрши палестинската кауза, туку напротив ќе ја зајакне, нагласувајќи ја итната потреба за правда и човекови права за палестинскиот народ. Нека се знае дека таквите акции нема да ја одвратат, туку ќе ја зајакнат решителноста на оние кои бараат мир и правда, рече министерот за надворешни работи на Гамбија, Мамаду Тангара на отворањето на состанокот пред колегите собрани во саудискиот крајбрежен град Џеда.

Ханија беше убиен минатата недела за време на посетата на Техеран на инаугурацијата на новиот претседател на Иран. Хамас и иранското раководство го обвинија Израел за нападот.

Стравувањата од поширока регионална војна се зголемуваат додека Иран и неговите застапници на Блискиот Исток, вклучувајќи ги Хамас, либанскиот Хезболах и јеменските Хути, се закануваат дека ќе се одмаздат за убиствата.

Министерот за надворешни работи на Гамбија во своето обраќање повика на „траен мир кој ги решава основните причини за конфликтот“.

-Критично е светската заедница да се обедини за да обезбеди хуманитарната помош да стигне до оние на кои им е потребна и да работи на изнаоѓање одржливо политичко решение кое промовира мир и безбедност за сите луѓе во регионот, рече тој. Тој исто така предупреди дека продолжувањето на војната во Газа може да доведе до дополнителна поларизација на Блискиот Исток.

ОИК е здружение на 57 претежно муслимански земји, а Гамбија во моментов служи како ротирачки претседавач, потсетува ДПА. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан