• недела, 22 декември 2024

Турција меѓу Истокот и Западот или по патиштата на Отоманската империја

Турција меѓу Истокот и Западот или по патиштата на Отоманската империја

Скопје, 16 јуни 2024 (МИА) - Чекорејќи по патиштата на отоманските престолнини и одново откривајќи ја богатата историја, култура и уметност, чудесната кујна, неверојатните пејзажи и морски предели, како и извонредните зачувани градби, станува јасно дека Турција е многу повеќе од мост помеѓу световите на Истокот и Западот, таа е и нивен дом. 

Но во Турција подеднакво фасцинира и грижата за сето тоа огромно богатство, грижата да се зачува и негува автентичноста која се создавала низ вековите, непосредноста и љубезноста кон секој гостин и посетител, во спој со модерните текови и практиките на одржливост. Не случајно Турција е втората земја со најмногу елементи на списокот на нематеријално културно наследство на УНЕСКО и 21 локалитет на листата на светско наследство.

Во патувањето низ отоманските престолнини се забележува таа почит кон минатото и автентичноста, што овозможува да се откријат нови доживувања но и да се разбуди љубопитноста за нови патувања низ старите светови.

Истанбул – средиште на цивилизациите, крстопат на културите

Рутата започнува од единствениот Истанбул, градот на двата континента, античката престолнина на Источното Римско Царство и Отоманската империја, кој денес е резонантен и секој пат нов спој на современата култура и традициите од минатото. 

Во стариот дел на градот, некогашните историски ѕидини на Константинопол, се наоѓа местото Вефа, дел од округот Фатих и историската текстура на Истанбул. Тука е легендарната продавница за боза „Вефа“ чија приказна започнува во 1876 година и опстојува сè до денес. Традиционалниот турски напиток чии почетоци датираат од пред илјадници години во минатото е важен дел од отоманската култура. Ваквата традиција може веднаш да се почувствува од шармантниот декор на најстарата продавница за боза во градот.

Локалните жители велат дека и Мустафа Кемал Ататурк ја посетувал „Вефа“, а на еден од ѕидовите од продавницата е врамена чашата од која тој ја пиел оваа боза. Безвременската боза „Вефа“ има светло жолтеникава боја и густина речиси како пудинг, а својот специфичен вкус го добива од начинот на подготовка со ферментација на брашно од просо или пченица. Се служи во чаши поставени на голем послужавник, со лажичка и наросено со цимет кој дополнително го истакнува специфичниот вкус. Овој традиционален напиток го пиеле и војниците и припадниците на војските за да им даде енергија, особено во студените денови. 

Во овој дел на Истанбул, на еден од неговите седум рида гордо стои Фатих џамијата, или џамијата на Мехмед Освојувачот, која е првата султанска џамија изградена во Истанбул по освојувањето.

По заповед на султанот Мехмед II, оваа величествена градба била изградена на местото на византиската црква Свети Апостоли која била срушена откако бил заземен градот, а дел од рушевините се искористиле и во изградбата на џамијата. Во комплексот околу џамијата има библиотека, училиште, хамам, а тука е и турбето на османлискиот султан Мехмед II. И покрај неколкуте силни земјотреси низ годините во кои била разрушена џамијата и реконструкциите што следеле, таа останува да ја одразува традицијата на отоманската архитектура.

Живописната убавина на градот, исконските знаменитости и безбројните приказни со историски контекст се испреплетуваат во историскиот полуостров на Истанбул, некогашен социјален и политички центар на Источно Римското Царство и Отоманската империја, денес дел од листата на светско наследство на УНЕСКО. Овој регион, кој во времето на Византија бил нарекуван Галата, а потоа Пера по доаѓањето на трговците од Џенова и Венеција, се наоѓа на европската страна на Истанбул. Опкружен со Златниот Рог на исток, Босфорот на запад и Мраморното море на југ, историскиот полуостров е една од најважните точки и симбол на Истанбул. Тука се цариградскиот хиподром, импресивната Аја Софија, за која се вели дека е вистинско архитектонско чудо, Сината џамија и Топкапи Сарај меѓу другите. 

Овој дел на градот, вели водичот Јавуз Сезен, го покажува и европското влијание, вестернизацијата на отоманското општество.

„Преместувањето на главниот град од Истанбул во Анкара го промени и карактерот на градот. Истанбул е брендот на Турција, со морето, историјата... Анкара е главен град поради местоположбата,“ додава Сезен. 

Помеѓу хиподромот и Аја Софија, на првиот рид од Истанбул, се наоѓа и Цистерна Базилика, уште една величествена архитектонска градба со богат историски контекст која локалните жители ја нарекуваат и „подземна или потоната палата“. Денеска музеј отворен за јавноста, чија посета и етерична аура со сигурност останува во сеќавањата, Цистерна Базилика во минатото служела како подземен резервоар што го снабдувал Цариград со вода. Скриена во тишината под секогаш раздвижените улици на Истанбул, „подземната палата“ маѓепсува уште од првиот поглед. Цистерна Базилика е изградена во 6-тиот век, во времето на императорот Јустинијан I, на местото каде претходно имало базилика од најраната историја на Рим, па оттаму цистерната и го добива своето име. Нејзината значајна намена останува непроменета дури и по османлиското освојување на Византија. 

Спуштајќи се под површината на Истанбул, полека се открива грандиозната структура составена од паралелни патеки, мистични сводови и секако огромните впечатливи столбови над кои виси таванот, точно 336 совршено наредени најразлични мермерни столбови, некои во коринтски а некои во дорски стил. Во текот на посетата столбовите нежно се осветлуваат од пригушено светло кое создава вистински танц од сенки и ги менува боите, рефлектирајќи ги столбовите во црвено, зелено, сино... секој пат со сè позасилен впечаток врз посетителите што на моменти се чини како оваа градба да не е од овој свет. Она што е интересно е дека столбовите не се униформни, еднолични и еднообразни. Како што објаснува нашиот водич, се смета дека поголемиот дел од нив се составени од делови од урнатини на стари градби носени од различни места во империјата, па споени во архитектонско чудо што нуди поглед не само во приказните за византискиот сјај туку и значењето на цврстата, обмислена конструкција.

Во текот на прошетката низ Цистерна Базилика под површината на Истанбул веднаш се издвојуваат столбот кој е постојано воден, како од него да не престануваат да течат солзи, но и столбовите на Медуза. Локалните жители кажуваат дека „столбот со солзи“ потсетува на Форумот на Теодосиј, а се вели дека „солзите“ се за сите робови кои загинале при изградбата на Цистерна Базилика.

Освен по својата големина и различните антички столбови, Цистерна Базилика е позната и по двата столба на Медуза, во чија основа е изгравирана главата на Медуза. И начинот на кој се поставени главите на Медуза во двата столба е невообичаен – во едниот столб главата е поставена странично, а во другиот наопаку. Потеклото на овие основи, од каде се донесени и како се нашле во „подводната палата“, останува мистерија, но тие совршено ја надополнуваат мистичната атмосфера на Цистерна Базилика. Локалните жители зборуваат за многу теории околу потеклото и значењето на столбовите на Медуза, а и нивната невообичаена поставеност, но она што е сигурно е дека тие ја поврзуваат оваа неверојатна градба и со античката митологија и нејзиното силно влијание. Впечатокот што го остава Цистерна Базилика е навистина силен, незаборавен, за што сведочат многу настани одржани таму од 1987 година кога таа е отворена за посетители, а токму оваа градба e одбрана за сцените во многу филмови и холивудски блокбастери, вклучувајќи и филм од серијалот Џејмс Бонд. 

На вториот мост на Босфорот, преминуваме од Европа кон Азија. Веднаш помислувам на музичкиот документарен филм „Минувајќи го мостот: Звукот на Истанбул“ (2005) на режисерот Фатих Акин што ја отсликува разноликоста на турската метропола преку музичката сцена. Навистина, Истанбул одекнува со крстопатот на културите, со сите своите противречности. 

Сезен раскажува дека во длабочината на Босфорот има многу остатоци од потонати бродови, пронајдени во археолошки ископувања, што потврдува дека Истанбул бил средиште на многу цивилизации. На Босфорот, кој ги поврзува европската и азиската страна на Истанбул, има еден поинаков поглед на градот.

„Европската страна отсекогаш била центарот на градот. Азиската страна се развива повеќе по 20-тите и 30-тите години, а особено по 50-тите години. Сепак, главните канцеларии, деловните области се на европската страна. Азиската страна има повеќе зеленило,“ вели Сезен.

Во селото Рива, во округот Бејкоз на Истанбул, се наоѓа најголемиот филмски сет во Европа и трет по големина во светот – филмското студио Боздаг. Тука, меѓу другите, се снимаат популарните турски серии „Основачот: Осман“ (Kuruluş: Osman) и „Будење: Ертугрул“ (Diriliş: Ertuğrul). Во филмското студио може да се види автентичниот приказ на античката турска историја, со фокус на Отоманската империја. Да се посетат локалитетите каде што се снимаат турските серии, секој со автентично изработени историски градби, одблиску да се видат традиционални турски носии, костуми, накит, оружје и други реквизити што се користат во сериите. Самата посета на студиото и многуте традиционални активности што тоа ги нуди за посетителите овозможува вистинско патување во минатото и запознавање со турската култура од поинаков и интересен аспект. 

По кратка пауза и прошетка по тивката песочна плажа на Црното Море, па потоа и во лавиринтот на бои и вкусови на познатата Капали чаршија, се враќаме во градот за ново гастрономско искуство во еден од 77-те ресторани во Истанбул препорачани од гастрономскиот водич на Мишелин за Турција. Во срцето на стариот град во Истанбул, ресторанот „Матбах“ нуди ексклузивни традиционални вкусови на Отоманската кујна. Менито на рeсторанот е направено по долги истражувања на библиотеките од отоманските палати, книги и записи од историчари на палатите и членови на еснафот на готвачи кои ги споделиле своите искуства, детално адаптирајќи ја кујната на отоманските султани на денешните критериуми. Ова единствено искуство започнува со шербет од роза во летната градина на ресторанот, а завршува со отоманската традиција на дарување на гостите по вечерата, во овој случај со привезок за ланче кој вработените во ресторанот го носат во мала украсна торбичка за накит. 

„Оваа традиција е резултат на почитта што општеството му ја дава на гостинот, љубезноста, важноста што ја придава на соработката и солидарноста,“ велат од ресторанот.

Бурса – еден од најубавите детали на Турција

Рутата продолжува следниот ден во Бурса. Од Истанбул патуваме низ тунелот Евроазија, кој под Босфорот ги поврзува Европа и Азија. Со пауза во градот Измит, за кој водичот Сезен ни кажува дека е важна индустриска зона во која се наоѓаат повеќето рафинерии поради поврзаноста со Мраморното море, стигнуваме во Бурса.

За Бурса, локалните жители велат дека е еден од најубавите детали на Турција. Сместен во подножјето на планината Улудаг, градот Бурса е четврт најнаселен град во Турција и е на листата на светско наследство на УНЕСКО како родното место на Отоманската империја. Бурса се смета за втората престолнина на Отоманската империја. Градот е познат уште и како „Зелена Бурса“ поради неговата богата природна убавина. Оваа важна престолнина на историјата и културата изобилува и со историска уметност, споменици, музеи, пазари, анови, хамами, џамии, културни богатства што им пркосат на вековите како наследство од Отоманската империја, а во живописниот парк Топхане, кој открива прекрасна панорама на Бурса, се и гробниците на Осман Гази – основачот и првиот султан на Отоманската империја и неговиот син Орхан Гази, вториот султан на империјата, кој ја освоил Бурса во 1326 година и таа станала новата престолнина на Отоманската империја.

Улу џамија или Големата џамија во Бурса е најголемата во градот, а е и меѓу најголемите во цела Турција. Отоманскиот патописец Евлија Челебија ја нарекол Улу џамија - „Аја Софија на Бурса“. Оваа џамија сведочи за почетоците на отоманската архитектура во градот. Големата џамија била изградена помеѓу 1396 и 1400 година, за време на владеењето на султанот Бајазит I. Оваа огромна правоаголна градба има две минариња и 20 куполи во четири реда, поставени на 12 столбови, и е првата отоманска џамија со повеќе куполи. Изградбата на оваа џамија започнала по победата на султанот Бајазит I во битката кај Никопол во 1396 година.

„Се вели дека по победата во битката кај Никопол, султанот Бајазит I сакал да изгради 20 џамии во Бурса. Сепак, по совет од Емир Султан, кој бил негов зет и еден од клучните мислители на тој период, тој одлучува наместо 20 посебни џамии да се изгради една џамија – Големата џамија, и да се покрие со 20 куполи,“ раскажува Сезен.

Во внатрешноста на џамијата, во централниот дел се наоѓа традиционалната фонтана (шадирван), чија сегашна форма е од 19 век. Фонтаната служи за ритуалот на чистење на верниците пред молитва. Она што е впечатливо е дека куполата над фонтаната е отворена кон небото, иако покриена со стакло, и зраците светлина кои паѓаат на фонтаната создаваат посебен амбиент во внатрешноста на џамијата. Улу џамија е позната и по декоративната калиграфија на ѕидовите и столбовите во нејзиниот внатрешен дел, па локалните жители и некои посетители ја нарекуваат и „музеј на калиграфијата“. Во џамијата има 192 калиграфски дела, составени од 87 различни композиции што ги напишале 41 калиграфи на отоманската империја. Композициите вклучуваат стихови од Куранот, хадиси, 99 имиња на Алах, различни имиња на пророкот Мухамед и имиња на главните исламски мислители.

Додека Улу џамија е најголемата во Бурса, Зелената џамија е веројатно најпознатата џамија во градот, а и во Турција, која буди восхит кај секој посетител. Зелената џамија е дел од листата на светско наследство на УНЕСКО. Изградена во 15 век за време на владеењето на султанот Мехмед I Челеби, оваа џамија се истакнува по својата историја, архитектура, естетика и орнаменти, а посебно по мермерните делови и секако зелените и сини плочки според кои и го добила своето име, а кои се дел од нејзиниот декор, особено во внатрешниот дел. Зелената џамија е дел од поголем комплекс во кој се наоѓа и Зелената гробница на Мехмед I. 

Уште во времето на Отоманската империја, Бурса била важен трговски центар особено познат по производите од свила. Затоа овој град бил значајна станица на „Патот на свилата“ помеѓу Истокот и Западот, забележува Сезен. Во централната чаршија или Големиот пазар на Бурса има многу анови, гостилници и караван-сараи, а еден од најзначајните е Коза Ан, изграден во 1492 година за време на владеењето на султанот Бајазит II. Токму тука со векови се сместувале трговците и нивните каравани кои минувале по овој пат. И после толку години Коза Ан сè уште функционира и ја има зачувано својата социјална и естетска вредност, привлекувајќи многу посетители и туристи. 

Коза Ан е изграден на две нивоа. Во минатото, на горниот кат се сместувале трговците, а долу ги сместувале нивните животни, додава Сезен. Денеска, горниот дел на Коза Ан се состои претежно од продавници за марами и производи од познатата фина свила на Бурса. Во минатото тука исто така се произведувал и свилениот кожурец, па така и анот го добива своето име од зборот koza, што на турски значи свилен кожурец. Долу, во дворот на Коза Ан се сместени неколку продавници за сувенири и многу кафулиња каде посетителите може да одморат. Исто така, во централниот дел на дворот на Коза Ан се наоѓа мала џамија или молитвена соба во октагонална форма, која е издигната над земјата на 8 столбови и внатре во неа се стигнува преку скалила од мермер. Молитвената соба била издигната за да се заштити, за да не можат да ја извалкаат животните кои трговците ги чувале на приземјето од анот.

Градот Бурса е познат и по својата богата кулинарска култура што исто така опстојува низ вековите. Посебно се издвојува прочуениот Искендер ќебап, специјалитет што го има низ цела Турција, но потекнува токму од Бурса, па затоа ова јадење се нарекува уште и Бурса ќебап. Искендер ќебап го добива името по Искендер Ефенди, жител на Бурса кој бил првиот што го приготвил овој специјалитет во 1867 година во неговиот ресторан.

Денес, семејството Искендероглу сè уште го води овој ресторан во центарот на Бурса. „Кебапчи Искендер“ е мал ресторан што веднаш се забележува по неговата сина боја, но и секогаш долгата редица луѓе пред ресторанот кои трпеливо го чекаат својот ред за да го вкусат локалниот специјалитет чии основни состојки се пита лепче или пиде исецкано на парчиња и прелиено со сос од домати врз кој се редат тенки ленти донер ќебап од јагнешко месо што се прелева со загреан растопен путер и кисело млеко. Оригиналниот рецепт ги привлекува и жителите на Истанбул да доаѓаат до Бурса за време на викендите специјално за локалниот Искендер ќебап, иако тоа јадење е достапно и во многу ресторани во Истанбул, вели Сезен. 

Уште еден заштитен знак од кујната на Бурса се слатките костени од Бурса, или костени прелиени со шербет или со растопено чоколадо. Овој специјалитет се прави со костени набрани на планината Улудаг. Костените потоа се лупат, се виткаат во тенка крпа и се варат, а на крај им се додава шербетот. Шетајќи се низ градот, погледот насекаде го привлекуваат многу разнобојни куќи и продавници во кои се продава овој традиционален деликатес кој бил дел и од кујната на султаните. 

Билеџик – градот на основањето и ослободувањето

Во Билеџик влегуваме длабоко во историјата. Градот е лулка на цивилизациите, бидејќи уште од праисторискиот период, околу 3000 година п.н.е., откога датира првата населба во Билеџик, тука поминале многу народи и племиња. Билеџик е и местото каде што е основана Отоманската империја, а има одиграно и важна улога во турската ослободителна војна, односно војната за независност чиј исход било прогласувањето на Република Турција, бидејќи во Билеџик се воделе Првата и Втората битка на Инону. Сето тоа оставило богато историско и археолошко наследство во Билеџик. 

„Постои легенда според која основачот Осман Гази на сон го видел раѓањето на Отоманската империја. Во неговиот сон, Осман видел како млада месечина изгрева од градите на Шеик Едебали - влијателна личност во тоа време и духовен водич на Осман, а потоа месечината влегува во неговите гради од каде што израснува во раскошно дрво чии гранки и корени се шират низ целиот свет и со своите сенки ги прекриваат реките, планините и целата земја. Кога Осман го прашал Шеик Едебали какво значење има неговиот сон, тој му рекол дека го претскажува основањето на една светска империја,“ раскажува Сезен.

Се верува дека по овој сон на Осман Гази, биле поставени темелите на Отоманската империја во областа Согут во Билеџик, па затоа некои извори го наведуваат Билеџик како првата престолнина на Отоманската империја.

Сонот на Осман Гази може да се погледне како 3Д проекција во Музејот на историјата на отоманските султани во Билеџик. На влезот на музејот, љубезните домаќини нè пречекуваат давајќи ни традиционални марами чиј дезен во повеќе разни бои ги симболизира различните народи кои ја населувале областа низ историјата. Музејот е сместен во прекрасно уредена градина, а во него се изложени портрети, слики и мапи што ги прикажуваат животните приказни на 36 султани на Отоманската империја во една хронолошка патека долга 200 метри. Патеката почнува со Ертугрул Гази, таткото на Осман Гази и водач на номадите од племето Каји кои имале значајна улога во основањето на империјата со Осман Гази, а завршува со последниот султан Мехмед VI. Патеката е така осмислена и уредена што претставува вистинско уживање не само за љубители на историјата туку и за секој посетител.

По посетата на музејот, гувернерот на Билеџик, Шефик Ајѓол, нè прими во својот кабинет. Гувернерот Ајѓол ни посака добредојде со традиционалниот отомански шербет и во пријатен разговор за градот и неговата богата историја ни ја раскажа и историјата на палатата на гувернерството која била изградена за време на владеењето на султанот Абдулхамид II. Во 1922 година, за време на војната за независност, палатата била запалена од страна на грчката војска која се повлекувала од Билеџик, а потоа била повторно изградена помеѓу 1922 и 1924 година. Во холот на сегашната палата на гувернерството сè уште стои поставен отоманскиот грб што е зачуван од старата палата.

Покрај многуте споменици и историски знаменитости во овој регион се издвојува гробницата на Ертугрул Гази во областа Согут на Билеџик. Припадници на жандармеријата на Согут облечени како отомански војници ја чуваат гробницата, распоредени по двајца пред главниот влез на локацијата како и пред самата врата на гробницата. Целото ова место ја покажува огромната почит кон Ертугрул, а со тоа и кон јадрото на османлиската држава. Посебен е и впечатокот од можноста да се види церемонијата на смена на стражарите, која што се случува на секој час. 

Прошетката низ Билеџик ја завршуваме со посета на „Хан Санат“, ателје за дизајн и рачна изработка на кожени костими од различни периоди, додатоци за костими, реквизити и уметнички производи за филмови и филмски проекти во Турција и во странство. Воодушевува прецизноста на секој детаљ во изработката на костимите и реквизитите кои зрачат со автентичност, уметност и долга традиција. Во секој дел од работилницата се кријат уникатни изработки кои ја будат љубопитноста и навистина заслужуваат почит. Во ателјето се користат и 3Д принтери,  машини за ласерско сечење и обликување кои придонесуваат за врвната продукција. 

Неизбежен дел од посетата на Билеџик се и традиционалните специјалитети и десерти од кујната на овој регион, природните убавини кои го мамат погледот додека ги откривате историските локалитети и знаменитости, како и рачните изработки од глина и керамика, полускапоцените камења од кои се изработува накит, народните везови...

Убавината на ова незаборавно патување по патиштата на отоманските престолнини од далечното минато па сè до денес е и во тоа што нивната приказна никогаш не престанува и секогаш има уште многу да се открива низ повторни незаборавни патувања. 

Невенка Николиќ

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан