• петок, 22 ноември 2024

Турција испрати сондажен брод за природен гас во Црното Море

Турција испрати сондажен брод за природен гас во Црното Море

Анкара, 4 август 2024 (МИА) - Турскиот сондажен брод „Абдулхамид Хан“ отплови за Црното Море заради сондажни активности, објави „Хуриет дејли њуз“.

На бродот, министерот за енергетика и природни ресурси Алпарслан Бајрактар изјави дека гасното наоѓалиште Сакарија, откриено во 2020 година, е најголемото откриено во турски води и дека земјата треба брзо да го зголеми производството.

Дневното производство во Сакарија моментално е 5,5 милиони кубни метри и се очекува да се зголеми до 10 милиони кубни метри до првото тримесечје на 2025 година, додаде Бајрактар. Тој исто така изјави дека новиот брод за складирање и истовар (FPSO), кој отплови од Сингапур во јули, ќе пристигне во Турција по два месеца и ќе започне со работа во 2026 година.

Минатиот месец, Бајрактар објави дека друг брод, „Оруч Реис“, ќе биде испратен во Сомалија за сеизмички истражувања.

„Абдулхамид Хан“ е четвртиот брод за длабоководни сондажи на Турција. Веќе изврши три длабоководни сондажи во Средоземното Море и пред да се упати кон Црното Море, беше во пристаништето Филиос во црноморскиот округ Зонгулдак за повторно инсталирање на кулите.

Бајрактар појасни дека испраќањето на бродот во Црното Море не значи дека Турција ја изгубила надежта за наоѓање природен гас во Средоземното Море. Таму „има локации кои се многу ветувачки,“ потенцираше министерот. ссм/

фото: архива

Остани поврзан