• сабота, 21 декември 2024

Турција донираше дронови, средства за врски, ноќни визири и интендантска опрема за нашата Армија

Турција донираше дронови, средства за врски, ноќни визири и интендантска опрема за нашата Армија

Скопје, 30 август 2024 (МИА) - Во касарната „Илинден“ во Скопје, денеска имаше примопредавање на донација на опрема од Република Турција за потребите на нашата Армија. Станува збор за дронови, средства за врски, ноќни визири и интендантска опрема. На настанот присуствуваа министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал - мајор Сашко Лафчиски, како и амбасадорот на Турција, Фатих Усулој.

Турскиот амбасадор Усулој рече оти чест му е што сведочи на еден од значајните мигови на долготрајното пријателство меѓу двете земји.

- Воената опрема што се донира, не претставува само еден грант, туку е симболичен знак на нашата поддршка во насока на зајакнување на одбранбените компетенции на Северна Македонија. Особено сум среќен, што ова примопредавање се реализира на ден што коинцидира со 30 август - Денот на победата (Денот на армијата), што има посебно воено значење за Туркије, нагласи турскиот амбасадор.

Тој посочи дека односите меѓу двете земји, својата сила ја црпат од длабоко вкоренетите историски, културни и меѓучовечки врски.

- Дипломирањето на основачот на Република Туркије, ветеранот Мустафа Кемал Ататурк во Македонија, односно во Воената гимназија во Битола, претставува уште една рефлексија на нашите вкоренети односи, додаде тој.

Амбасадорот се осврна и на тоа дека „Република Туркије, која оваа година ќе ја слави својата 101. годишнина, во изминатиот период се зајакна во сите полиња“.

- Модерната држава Република Туркије, основана врз цврсти темели, го продолжи својот подем како модерна и просперитетна држава, реализирајќи огромни подвизи во сите области, од одбранбена индустрија до транспорт, од економија до енергетика и образование. Одбранбената индустрија е меѓу првите области каде реализиравме исклучителни подвизи. Туркије денес се наоѓа меѓу 10-те земји на светот што проектираат, градат и одржуваат сопствени воени бродови. Воедно е меѓу четирите земји на светот во производство на беспилотните летала ИХА и СИХА, информираше турскиот амбасадор.

Со првиот беспилотен вооружен брод во светот, вооружените беспилотни летала, ТЏГ Анадолу, беспилотниот борбен авион Кизилелма, националниот борбен авион од петта генерација КААН, протагонистите на својата област чиј успех се докажа на низа воени региони, беспилотните вооружени летала како Бајрактар, Акинџи, Аксунгур, АНКА-3, како и со низа други капацитети, континуирано се залагаме да се развиваме себе си, дополни амбасадорот.

Како земја што на сите полиња, вклучувајќи ја и одбранбената индустрија, посочи тој, ги развива билатералните односи врз основа на начелото на вин-вин, ни претставува задоволство да ги споделиме нашите способности со нашите пријателски и сојузнички земји.

- Со оваа помисла, уште од осамостојувањето со Северна Македонија, како и во другите области, основавме многу плодна соработка и во областа на одбраната. Со над 50-тина потпишани договори ги изградивме нашите воени односи врз цврст темел. Бевме ваш сојузник, кој моќно го поддржуваше вашето членство во НАТО. Преку обуки на единици на одбраната и безбедносните служби, дадовме голем придонес кон човечкиот капитал на Северна Македонија. Реализирајќи заеднички вежби, ја зајакнавме интероперабилноста на нашите армии. Бевме соборци во мировни мисии на ОН низ разни географски региони, како и во НАТО, СИБРИГ, КФОР и АЛТЕА, додаде амбасадорот.

Тој нагласи дека одлучни се да продолжат да ги развиваат нашата соработка и поддршка.

- Ќе продолжиме заедно со пријателска и сојузничка Северна Македонија да работиме за воспоставувањето на мирот, безбедноста и на стабилноста во регионот и пошироко. Ја користам приликата да ја потврдам нашата волја за зајакнување на воената соработка со Северна Македонија, подвлече Усулој.

Министерот за одбрана Мисајловски рече дека денеска не се гледа само сојузништво на дело, туку се гледа и пријателство и меѓусебна посветеност видлива повеќе од три децении.

- Затоа особено ми е драго што денеска како министер за одбрана, имам чест на нашите сојузници да им го честитам националниот празник - Денот на победата и Денот на вооружените сили на Република Турција. Донацијата од Република Турција уште еднаш го докажува вистинското и трајно пријателство меѓу нашите народи. Во име на македонскиот народ и Армијата, им благодарам на турскиот народ и на државата за оваа донација, што ќе овозможи јакнење на капацитетите на нашата Армија, а со тоа и јакнење на мирот, безбедноста и стабилноста на Алијансата, истакна министерот за одбрана, нагласувајќи дека Турција е наш докажан пријател и партнер.

Нивната поддршка, додаде тој, „значително придонесе за модернизација и опремување на македонската Армија со нова најсовремена опрема согласно НАТО стандардите“.

- Бројни се областите каде соработуваме за градење на армиските капацитети, а како особено вредна за нас, ќе ја издвојам воената едукација на нашите офицери, подофицери и професионални војници во Турција, на воениот колеџ, на воената медицинска академија и во НАТО центарот за извонредност. Нашето заедничко учество во мисијата на НАТО, „Одлучна поддршка“ во Авганистан, КФОР мисијата во Косово и ЕУ операцијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина, дополнително ја зајакнаа меѓусебната доверба. Ја цениме одличната соработка во рамките на SEEBRIG, но, никако не ја забораваме и солидарноста за време на Ковид-кризата во 2020 година, како и вашата поддршка за справување со пожарите што неодамна ја зафатија нашата држава. Турција беше првата земја што испрати воздушна поддршка од два авиона и еден хеликоптер и навистина амбасадор, јас сум благодарен и на вас и на државата Турција, за ова што го правите за нашата земја. Ви благодарам од срце, подвлече Мисајловски.

И началникот на Генералштабот на Армијата, генерал - мајор Лафчиски го честиташе значајниот ден за  како што рече, нашиот долгогодишен стратешки партнер, Република Турција, од негово и од името на сите припадници на Армијата.

Според него, овој ден не е само празник на Република Турција, туку е и симбол на силата на пријателството и на соработката меѓу двете земји. бд/лв/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан