Турското разузнавање запленило пратка со пејџери на аеродром во Истанбул, два дена пред нападот на Израел врз Хезболах
- Турската разузнавачка служба (МИТ) денеска соопшти дека запленила пратка што содржи 1.300 пејџери и 710 полначи два дена пред нападот на израелската служба за надворешно разузнавање Мосад врз либанската шиитска група Хезболах, поддржана од Иран, минатата година, објави турскиот весник „Сабах“.
Aнкара, 6 мај 2025 (МИА) - Турската разузнавачка служба (МИТ) денеска соопшти дека запленила пратка што содржи 1.300 пејџери и 710 полначи два дена пред нападот на израелската служба за надворешно разузнавање Мосад врз либанската шиитска група Хезболах, поддржана од Иран, минатата година, објави турскиот весник „Сабах“.
На 17 септември, илјадници пејџери експлодираа истовремено во јужните предградија на Бејрут и другите упоришта на Хезболах. Во нападот и експлозиите со рачни радиоприемници што следеа следниот ден загинаа 39 лица, а беа повредени повеќе од 3.400 луѓе. Меѓу повредените во болниците, имаше многу со повреди на очите, отсечени прсти или големи рани на стомакот.
Претставник на либанската група го опиша инцидентот како „најголемо нарушување на безбедноста“ на Хезболах од почетокот на конфликтот со Израел.
Израел првично негираше одговорност за нападот, но во ноември минатата година израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху призна дека дал зелено светло за операцијата.
Турското разузнавање соопшти дека запленетите пејџери биле целосно идентични со тие кои се користеле во нападот на 17 септември, додавајќи дека тие пристигнале на аеродромот во Истанбул од Хонг Конг и требало да заминат за Либан. рп/
Фото: МИА архива