• понеделник, 31 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Туристичка подморница потона во близина на Хургада, се стравува дека најмалку шест туристи го загубиле животот

Туристичка подморница потона во близина на Хургада, се стравува дека најмалку шест туристи го загубиле животот

Kaиро, 27 март 2025 (МИА) - Се стравува дека најмалку шест лица го загубиле животот, а девет се повредени во несреќа со туристичка подморница што утрината потона во Црвеното Море во близина на египетското летувалиште Хургада, јавува Би-Би-Си, повикувајќи се на локални извори. Меѓу повредените четири лица се во критична состојба, а 29 патници се спасени и пренесени во блиските болници. Како што потврдија од Руската амбасада во Каиро, сите туристи на подморницата биле Руси.

Хургада е популарна туристичка дестинација позната по плажите и коралните гребени.

Се претпоставува дека во моментот на несреќата во подморницата имало околу 40 туристи. Според информациите на дописниците на Би-Би-Си од Каиро, подморницата била наречена Синдбад и потонала во близина на пристаништето Хургада.

Подморницата Синдбад со години превезува туристи да го истражуваат подводниот свет на Црвеното Море, а според веб-страницата на компанијата што управува со неа, таа е една од само 14-те вистински туристички подморници во светот. Таа може да прими најмногу 44 патници и се спушта на длабочина од 25 метри, нудејќи поглед на околу 500 метри корален гребен. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан