• недела, 22 декември 2024

Тунева: Не постои континуитет во информирањето за проблемот со родово базирано насилство

Тунева: Не постои континуитет во информирањето за проблемот со родово базирано насилство

Скопје, 4 декември 2023 (МИА) - Не постои континуитет во информирањето за проблемот со родово базирано насилство. А и тогаш кога се информира, тоа е вообичаено при инциденти или одбележување на меѓународни денови и кампањи. Информирањето многу често е сензационалистичко, без да се води сметка за заштита на идентитетот на жртвата на вакво насилство, што пак носи последица од повторна виктимизација на жртвата. Во многу редакции, особено во онлајн просторот, нема доволно знаење како да се известува за овие прашања. 

Ова го покажале резултатите од истражувањето за известувања за родово базирано насилство на кое работеше Институтот за комуникациски студии, во рамки на проект поддржан од Фондот за население на Обединетите Нации.

Податоците беа споделени на денешната панел-дискусија во Скопје, во организација на Институтот за комуникациски студии, на тема „Што правиме со родово (не)сензитивното известување?“.

- Тоа што сакаме да го направиме е да продолжиме во континуитет да зборуваме за тоа како може да се зајакнат редакциите, особено како медиумите може да придонесат во родовата еднаквост. Следуваат и избори каде мошне е важно да се афирмира родовата еднаквост преку информирањето, изјави Марина Тунева, медиумски експерт во изјава за МИА.

Сашо Богдановски, раководител на Одделението за човекови права и медиумска писменост во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) посочи дека поинтензивно со родово базирано насилство се занимаваат во последните колку години. 

- Агенцијата нема директни позиции од законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, што се однесуваат на ова прашање, туку, посредно, се занимаваме во општиот корпус на прашања, што значат подигнување на новинарските стандарди, рече тој за МИА.

Богдановски проговори и за посебната интернет страница што треба да биде ресурсен центар за новинарите и сите други што се занимаваат со известување и овие прашања. Интернет страницата е иницијатива на Агенцијата, а се изработува во соработка со Министерството за труд и социјална политика.

- Она што посебно нѐ интересира сега, е, како се известува за родово заснованото насилство и оваа година покренавме истражување и на таа тема. Првпат работиме на такво истражување. Резултатите ќе ги имаме наскоро, најави тој.

Леунора Калиќи, претседателка на Советот за етика во медиумите во Македонија, рече дека според тоа што се гледа секојдневно и според претставките до Советот за етика во медиумите, 90 проценти од медиумите што ги прекршуваат правилата на професионално и етичко известување, се однесуваат на онлајн медиумите. Нагласи дека проверката на информациите треба да биде столб на секое информирање. бд/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан