• петок, 05 декември 2025

Тукушто објавениот албум на Ед Ширан има нов вкус

Тукушто објавениот албум на Ед Ширан има нов вкус

Њујорк, 12 септември 2025 (МИА) - Музиката, се чини, сега може да се доживее со сите сетила - со слушањето и гледањето на омотот на албумот и поврзаните видеоспотови, но и со вкусот. Британскиот пејач Ед Ширан, во соработка со американскиот бренд сладоледи „Ван Лeјвин“ (Van Leeuwen), го претвори својот претстоен албум во уникатен леден десерт.

Имено, осмиот студиски албум на Ширан - „Play“ излегува денеска, 12 септември, а заедно со тоа, четирикратниот „Греми“ добитник одлучи да им понуди на обожавателите и слатко задоволство инспирирано од неговото ново музичко дело. Почнувајќи од 10 септември, Ширан и њујоршката компанија го лансираа розовиот сладолед „Плеј пинк“ (Play Pink) којшто ќе се продава во ограничени количини. Исто како и обвивката на албумот, новиот сладолед има жива розова нијанса, но врската со музиката оди подалеку од бојата.

Пејачот претходно го опиша својот новиот албум како негово враќање кон „големиот поп“, а таа енергија, по сѐ, изгледа се одрази и кај сладоледот.

Новиот вкус носи и весела нота преку розова основа со вкус на пијалакот пунч, измешан со шмек на питаја и гуава. Сладоледот ќе биде достапен во продавниците на „Ван Лејвин“ во Њујорк - додека има залихи, всушност.

Ова, инаку, не е првпат „Ван Лејвин“ да соработува со познати личности. Брендот стекна углед и популарност со вакви проекти - соработуваа со Кајли Џенер за нејзиниот додаток од праска и манго претходно ова лето, а со Сабрина Карпентер - за сладоледот со вкус на еспресо во јуни лани. Соработувале и со НБА-ѕвездата Џими Батлер, како и пејачката Марен Морис.  си/ссм/

Фото: Јутјуб, фотоисечок.

Остани поврзан