• вторник, 05 ноември 2024

Тројца Палестинци убиени во израелска воена рација во Џенин, на Западниот брег

Тројца Палестинци убиени во израелска воена рација во Џенин, на Западниот брег

Ерусалим, 7 март 2023 (МИА) - Тројца Палестинци се убиени, а десет се ранети во денешниот вооружен напад на израелската војска во градот Џенин на окупираниот Западен Брег, јавија американските медиуми, повикувајќи се на палестинското Министерство за здравство.

Израелските воени претставници соопштија дека војската влегла во бегалскиот камп Џенин за да ги уапси осомничените за убиството на двајцата израелски браќа минатата недела во палестинската населба Хувари.

Вооружената група „Бригада Џенин“ соопшти дека денеска нејзини членови пукале и фрлиле експлозивни направи врз израелските војници, кои опколиле куќа во бегалскиот камп.

Денешниот конфликт избувна за време на прославата на еврејскиот празник Пурим.

На еврејските доселеници во денешната прослава, со пеење и танцување, во поделениот град Хеброн, на Западниот брег, што е под силно обезбедување, им се придружи израелскиот министер за национална безбедност, ултра-националистот Итамар Бен-Гвир, кој, исто така, живее во еврејската населба.

Овој негов потег е сфатен како последна демонстрација на сила на ултра-националистичките доселеници на окупираниот Западен Брег, кои се поддржани од Бен-Гвир и другите во новата израелска Влада. Доселениците во текот на ноќта во овој палестински град повредија Палестинец, во кој минатата недела толпа доселеници запалија автомобили и куќи.

Хеброн е спорен град и се смета за свет и за муслиманите, и за христијаните и за Евреите. Стотици тврдокорни доселеници живеат во утврдени енклави под воена заштита во срцето на градот, во која има повеќе од 200.000 Палестинци.

Денешната рација е последна во серијата операции за апсење на израелската армија на северниот дел на Западниот Брег.

Американските медиуми наведуваат дека само годинава од израелски оган се убиени над 60 Палестинци, од кои половината се екстремисти. Во палестинските напади врз Израелците, пак, убиени се 14 Израелци, од кои сите, освен еден, беа цивили. сд/

Остани поврзан