• четврток, 03 октомври 2024

Тројца загинати во тешка сообраќајна несреќа на патот Прилеп - Битола

Тројца загинати во тешка сообраќајна несреќа на патот Прилеп - Битола

Прилеп,  3 октомври 2024 (МИА) - Три лица од Прилеп загинаа, а едно лице е повредено во тешката сообраќајна несреќа што изутрината се случила околу 7:50 часот во судир на патничко возило и камион на магистралниот пат Прилеп-Битола, на излезот од градот, кај селото Лагово.

Тројцата загинати се од патничкото возило „тојота“ со прилепски регистерски таблички, а повредениот е од камионот. Во судирот патничкото возило се запалило, соопштија од СВР Битола.

-Сообраќајната  несреќа се случила помеѓу патничко возило „тојота“ со прилепски регистарски ознаки управувано од Н.В.(42) од Прилеп и сопатници А.Р и Ф.Ј., сите од Прилеп и товарно возило „волво“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Г.Р.(51) од Битола. Во несреќата патничкото возило се запалило и на местото починале тројцата патници. Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош Прилеп, информираат од СВР Битола.

Магистралниот пат се уште е затворен за сообраќај, а увид на местото на несреќата прават полицијата и јавен обвинител.

- Како медицинска екипа констатиравме смрт на три лица, сите од патничкото возило „тојота“. Повредениот од камионот итно е пренесен во Општатата болница во Прилеп со телесни повреди, изјави Боше Милошески, началник на Итната медицинска помош од Прилеп, кој беше на увид на местото на сообраќајката.

Повеќе од час и половина екипите на прилепската противпожарна единица интервенирале за да го изгаснат пожарот.

-Во 7:45 часот изутрината добивме пријава за камион, кој гори на патот Прилеп - Битола, кај селото Лагово. Кога дојдовме на местото видовме дека не гори само камион, туку и патничко моторно возило, односно се случила сообраќајна несреќа. За да го изгаснеме пожарот интервениравме со пет возила и 12 пожарникари. Го обезбедуваме просторот, има бензин, нафта истечено. Станува збор за хибридно возило во сообраќајката со литиумски батерии, изјави Виктор Стојчески, заменик- момандир на ТППЕ- Прилеп.

Магистралниот пат Прилеп - Битола од 8 часот изутрината е затворен за сообраќај. Сообраќајот се одвива по алтернативни патишта. ем/мд/

Фото: МИА

 

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан