Трипуновски: Зголемен извозот на земјоделски производи за 5,5 проценти споредбено со 2024 година
- Во интервју за емисијата „Аграр“, Трипуновски посочува дека според податоците на Државниот завод за статистика во периодот јануари–октомври 2025 година во споредба со истиот период во 2024 година, извозот на земјоделски производи е зголемен за 5,5 проценти, што укажува на зголемено земјоделско производство во државата.
Скопје, 4 јануари 2026 (МИА) - Зголемен е извозот на земјоделски производи за 5,5 проценти во 2025 година споредбено со 2024 година, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Во интервју за емисијата „Аграр“, Трипуновски посочува дека според податоците на Државниот завод за статистика во периодот јануари–октомври 2025 година во споредба со истиот период во 2024 година, извозот на земјоделски производи е зголемен за 5,5 проценти, што укажува на зголемено земјоделско производство во државата.
- Во вториот и третиот квартал имаме сериозен раст во откупот и продажбата на земјоделски производи, вели Трипуновски.
Најавува дека во наредниот период ќе се работи на мерки и политики со цел 2026 година да биде уште поуспешна од 2025 година, нагласувајќи дека македонскиот земјоделски производ е квалитетен и заслужува свое место на европските и светските полици.
- Податоците за извозот се охрабрувачки и претставуваат дополнителен мотив да продолжиме со уште поголема посветеност, оценува Трипуновски.
За кампањата „Македонско најдобро“ вели дека се потенцира важноста на македонските производители на храна и се придонесува кон зголемување на производството на квалитетни земјоделски производи.
-Клучот го гледам во зголемувањето на квантитетот на земјоделското производство. Земјоделците ќе бидат задоволни, бидејќи со поголема продадена количина по единица цена се остварува поголем приход. Ова не се однесува само на домашниот пазар, туку и на извозот на земјоделските производи, вели Трипуновски.
Тој потенцира дека еден од неговите приоритети е како да привлечат младите луѓе и се внесе нова сила и нова енергија во земјоделскиот процес, затоа што само на тој начин ќе обезбедиме предвидливост и одржливост во секторот.
-Покрај стимулациите и финансиските програми, еден од клучните приоритети е рентабилноста, бидејќи секој млад човек, без разлика дали сака да се занимава со земјоделство или со некоја друга дејност, секогаш гледа дали постои рентабилност. Затоа наш фокус е да обезбедиме рентабилност во земјоделскиот сектор, истакна министерот Трипуновски.
Појасни дека на сите јавни повици и објави, младите луѓе кои аплицираат без разлика дали станува збор за доделување земјоделско земјиште или за други видови грантови имаат предност.
-На тој начин им даваме отворена врата и сигурност да го реализираат својот интерес, нагласи министерот.
Трипуновски посочи дека во новиот Закон за земјоделство и рурален развој е предвидена посебна мерка која ќе значи директна поддршка и враќање на младите луѓе кои ќе започнат сопствен земјоделски бизнис. Со донесувањето на законот ќе бидат обезбедени сериозни грантови со цел да се стимулираат младите да се вратат во руралните средини и активно да се вклучат во земјоделското производство.
-Првите сигнали кои пристигнуваат по пласирањето на оваа идеја се навистина позитивни и за поздравување, истакна министерот.
Тој со порака до земјоделците да продолжат да бидат храбри и да произведуваат.
-Министерството и Владата ќе бидат тука, партнерски да работиме за одржување и унапредување на секторот. Се надевам на добро здравје, плодна година, поволни климатски услови и 2026 година која ќе биде уште поуспешна, порача министерот Трипуновски. бак/вг/
Фото: МЗШВ