• четврток, 26 март 2026

Трипуновски за барањата на опозицијата за измени во Законот за вино: Се работи за елементарно непознавање, Владата работи на подобрување на количините, квалитетот и цената на грозјето

Трипуновски за барањата на опозицијата за измени во Законот за вино: Се работи за елементарно непознавање, Владата работи на подобрување на количините, квалитетот и цената на грозјето

Кавадарци, 6 септември 2025 (МИА) - Мислам дека се работи за елементарно непознавање, такви интервенции не се ставаат во закон. Вака одговори министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во Кавадарци, на новинарско прашање, околу измените во Законот за вино, што ги предлага СДСМ. 

- Има други механизми што треба да се преземат и мислам дека лидерот на опозицијата од неговите соработници е ставен на еден тенок мраз каде што практично презема активности што не се по процедурите. Она што е важно, Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски, Министерството, сериозно работат во подобрување на количините што треба да ги собереме, во квалитетот, во цените што ги истакнуваме. Тоа се показатели и првичните берби и она што е како квалитет собрано од македонските лозови полиња, рече министерот Трипуновски. 

Притоа нагласи дека отануваат сериозно посветени. 

- Крајот на бербата ќе покаже дека навистина сериозно имаме работено изминатата една година како Влада. Заедно во комбинација со вредните лозари кои ги имаме ширум нашата држава, ќе ја вратиме Македонија на пиедесталот во делот на квантитет на производство на винско грозје, а од тоа ќе произведеме многу квалитетно вино што ќе биде распространето ширум полиците во светот, подвлече Трипуновски. 

Претходно, во вторникот, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, заедно со пратеничката група на партијата поднесоа предлог-закон за измена на Законот за вино, со цел, како што посочија, да се обезбеди вистинска и правична финансиска поддршка за лозарите. свд/вг/


Фото: МИА

Остани поврзан