• петок, 22 ноември 2024

Тринаесетти протест „Србија против насилството“ во Белград со протестно шетање до Обвинителството

Тринаесетти протест „Србија против насилството“ во Белград со протестно шетање до Обвинителството

Белград, 29 јули 2023 (МИА) – Во Белград се одржа тринаесеттиот протест „Србија против насилството“, а претходните денови одржани се собири и во повеќе градови ширум Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Протестот во Белград, почна од платото пред Народното собрание, од каде граѓаните со блокада на сообраќајот по централните белградски улици се шетаа до Републичкото јавно обвинителство, каде го изразија своето незадоволство од работата на оваа институција.

- Ќе бидеме таму да ги поддржиме сите оние кои сакаат да работат професионално. Порачуваме дека е многу важно да го задржиме запален пламенот во текот на летото и да покажеме дека сме истрајни во тоа дека сакаме општество на правда. Обвинителството е важна алка во борбата за владеење на правото и борбата против организираниот криминал, изјави еден од организаторите, претседателот на Демократската партија (ДС), Зоран Лутовац.

Синоќа во повеќе градови во Србија се одржаа протести против насилството, демонстрантите шетаа во Нови Сад, Јагодина, Богатиќ, Крагуевац и Врање, додека во Ниш наместо прошетка се одржа перформанс пред градското собрание.

Барањата на протестите Србија против насилството се: смена на Советот на РЕМ (Регулаторно тело за електронски медиуми), затворање на печатени медиуми и таблоиди кои објавуваат лажни вести, невистини и континуирано го кршат новинарскиот код, одземање на националните фреквенции од телевизиите кои ги залудуваат граѓаните, трујат и промовираат насилство, како што се Пинк и ТВ Хепи, оставка на министерот на полицијата Братислав Гашиќ и шефот на безбедносната агенција БИА Александар Вулин, итно укинување на програмите кои промовираат насилство, неморал и агресија на телевизиите со национална фреквенција, како што се реалните шоуа.

Проевропската опозиција технички ги организира овие граѓански протести кои започнаа по масовните убиства во белградското училиште „Владислав Рибникар“ и селата Дубона и Мало Орашје во општините Младеновац и Смедерево.

Од недела во недела демонстрантите бараат одговорност од властите за долгорочното создавање амбиент што доведе до зголемување на насилството во државата.

Но, и по упорното повторуваните на барањата, власта не се согласува со тоа, што го покажа гласањето во српското Собрание, каде беше изгласана доверба на министерот за полиција Братислав Гашиќ.

Проевропската опозиција која во собранието ги застапува барањата од протестите, во повеќе наврати постави и политички барања, како што се одржување на изборите за град Белград, додека десничарската опозиција која исто ги поддржува протестите бара одржување на вонредни парламентарни избори. об/

Остани поврзан