• недела, 22 декември 2024

Трета година по ред Кочани е лидер меѓу општините во Источниот регион според активната транспарентност

Трета година по ред Кочани е лидер меѓу општините во Источниот регион според активната транспарентност

Кочани, 10 јули 2023 (МИА) – Со 1,3 процентни поени зголемување на годишно ниво, Општина Кочани трета година по ред останува на врвот на ранг-листата за активна транспарентност во Источниот плански регион.

Според Индексот на активна транспарентност за 2023 година, што го објави Центарот за граѓански комуникации од Скопје, Општина Кочани со 97,1 отсто се задржа на шестото место во вкупното рангирање, во групата на најдобрите десет институции со активна транспарентност, кои ги исполнуваат обврските од 80 до 100 отсто.

-Подобрувањето на транспарентноста со 1,3 отсто во однос на минатата година е значајно, ако се има предвид податокот дека во 2023 година, токму во најдобрата група со ‘многу добра’ активна транспарентност, се дури половина од институциите. При оценувањето земени се предвид обврските што произлегуваат од Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер и обврските од други закони што се однесуваат на трошењето јавни пари, истакнуваат од одделението за односи со јавноста на Општина Кочани.

Покрај Кочани, годинава подобрување на активната транспарентност имаат Берово и Делчево, а заедно со другите осум општини придонесуваат Источниот регион повторно да биде најдобар меѓу шесте плански региони во државата.

Оценувањето на активната транспарентност е направено врз основа на податоците што се објавуваат на веб-страницата и обврските за објавување информации што се од важност за граѓаните и кои влијаат врз секојдневниот живот и работа. та/хс/

фото: МИА

Остани поврзан