• вторник, 17 декември 2024

Трета „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград - Фестивал на виното, храната и туризмот од 22 до 24 ноември

Трета „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград - Фестивал на виното, храната и туризмот од 22 до 24 ноември

Белград, 17 ноември 2024 (МИА) - Белград и годинава ќе биде центар на еден од најважните настани во Југоисточна Европа, саемот „Винска визија на Отворен Балкан“, кој ќе се одржи од 22 до 24 ноември, јави дописникот на МИА од Белград.

Од Белградскиот саем наведуваат дека тие се домаќини на овој уникатен фестивал посветен на виното, ракијата, храната и туризмот, кој за кратко време се здоби со престижна репутација и стана клучна точка на винската и гастрономската карта на Европа.

На „Винската визија“ ќе се соберат повеќе од 650 изложувачи од дури 38 земји. Посетителите ќе имаат можност да уживаат во автентичните вкусови, да откријат нови вински етикети, да се запознаат со современите гастрономски трендови и да ги доживеат културните специфичности на Балканот преку храната и виното. За време на „Винска визија“, Белград ќе се претвори во рај за љубителите на добрите вина, ракијата и храната, бидејќи изложувачите од 38 земји ќе го презентираат богатството на вкусови, мириси и традиции на нивните региони. На саемот ќе може да се пробаат повеќе од 1.000 видови вино и ракија, а посетителите ќе имаат можност да впуштат на незаборавни кулинарски патувања низ балканската кујна.

Првиот саемски ден (22 ноември-петок) ќе биде резервиран за експерти и професионалци - винари, дистрибутери, сомелиери, како и сите оние кои сакаат да ги прошират своите деловни контакти во винската, прехранбената и туристичката индустрија. На тој ден ќе се одржат „B2B“ средби, работилници, презентации и панел дискусии кои ќе овозможат поврзување и размена на искуства меѓу професионалците од секторот. Во вториот и третиот саемски ден (23 и 24 ноември) вратите на саемските хали на Белградскиот саем ќе бидат отворени за сите посетители, љубители на вино и храна.

Во текот на сабота и недела во Сала 2А посетителите ќе можат да присуствуваат на тематски работилници водени од истакнати експерти. Јадранка Клариќ, угледен експерт за вино од Северна Македонија, ја претставува ретката и уникатна сорта на Станушина, додека сомелиерот Душан Враниќ ги открива тајните на создавање винска карта и организирање колекција на вино - од избор на етикети до чување шишиња.

Еден од најатрактивните сегменти на саемот ќе биде доделувањето на „ Винскиот трофеј на Отворен Балкан“, што ќе се одржи на 23 ноември. Тогаш ќе бидат прогласени најдобрите вина на фестивалот, а жирито составено од 26 меѓународни вински експерти, меѓу кои и шестмина носители на титулата „Мастер на виното“, ќе оцени речиси 1.000 примероци вино.

Ќе се оценуваат вината од Србија, Северна Македонија, Албанија и други балкански земји, а најдобрите примероци ќе бидат наградени со златни, сребрени и бронзени медали. Исто така, за вината на членовите на Иницијативата Отворен Балкан ќе бидат доделени национални трофеи.

Посебен сегмент на „Wine Vision“ ќе биде „Food Vision“ кој ја слави кулинарската уметност на Балканот преку натпревари, кулинарски работилници и презентации на најистакнатите имиња од светот на гастрономијата. Посетителите ќе можат да уживаат во врвни кулинарски креации, а некои од најпознатите готвачи од регионот и пошироко ќе презентираат јадења направени со извонредни вина, користејќи регионални состојки.

Млади и талентирани готвачи и тимови за готвење ќе се натпреваруваат, а посетителите ќе можат да учествуваат во работилници водени од најпознатите имиња на кулинарската сцена, вклучувајќи ги италијанските кулинарски ѕвезди како Чезаре Батисти, Алесандро Негрини и Андреа Бјаџини, како и многу други легенди на гастрономијата.об/

Фото: плакат

Остани поврзан