• понеделник, 23 декември 2024

Тренчевска: Секоја иницијатива која го подобрува квалитетот на живот на ранливите категории на граѓани е добредојдена

Тренчевска: Секоја иницијатива која го подобрува квалитетот на живот на ранливите категории на граѓани е добредојдена

Скопје, 15 ноември 2023 (МИА) - Соработката помеѓу Министерството за труд и социјална политика и фондацијата „Ѓорги Маријановиќ“, како и спроведување на активности за поддршка на децата без родители и децата во згрижувачки  семејства, биле теми на разговор на денешната средба на министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска со извршниот директор на фондацијата, Александар Марјановиќ.

Како што информираат од МТСП, Маријановиќ на средбата објаснил дека активностите кои ќе се спроведуваат од страна на фондацијата ќе се реализираат со оваа група на млади. Според него, тоа ќе биде од клучна важност  за трасирање на нивниот животен пат, но и за креирање на систем во кој секој ќе има еднакви можности за успех, за развој и за исполнување на своите капацитети.

-Процесот на деинституционализација, работењето со секое дете поединечно, овозможувањето на услови за образование, стекнување вештини и знаења се клучни темели врз кои се креираат политиките за детска заштита во Министерството за труд и социјална политика, објаснила Тренчевска.

Таа воедно истакнала дека соработката со невладиниот сектор останува да биде приоритет и дека овие иницијативи навистина се од особено значење затоа што, според неа, сигнализираат на подигање на свеста на целото општество за ранливите категории на граѓани.

 Тренчевска и Маријановиќ  на крај од средбата се согласиле дека кинеската поговорка „Дај му на човек риба и ќе го нахраниш за еден ден. Научи го да лови риба и ќе го нахраниш за цел живот“ е онаа која ги опишува сите активности кои ќе се преземаат во следниот период. И истите на долг рок ќе обезбедат овозможување на подобри услови за развој на капацитетите на секое дете. дма/са/

Фото:МТСП

 

 


 

 

 

 

 

Остани поврзан